| четврток, 6 декември 2018 |

Хорот од насилници и малата птица-певица

Ламбе Арнаудов

Во една своја колумна напишав:

Македонецу, дали помниш дека твојот народ некогаш се борел против послаб од себе? Никогаш!

Дали некогаш се борел против рамен на себе? Никогаш!

Дали некогаш се борел со посилен од себе? Никогаш!

Дали некогаш твојот народ се борел против најсилните? Секогаш. Секогаш против пактови, алијанси, сили и велесили дополнето со тешки заговори и измами.

Македонски народе, Те сакам. Те сакам, затоа што не престануваш да ме восхитуваш со својата борба за вечен опстој. Те сакам, затоа што си мудар, храбар, непоколеблив.

Те сакам, затоа што многу пати кога сите те гледале на земја туширан, паднат, стануваш и убедливо победуваш секаков противник.

Деновиве кога те посетуваат лицемерни неповикани гости во ноќни и ненадејни посети како арамии, знаеш што те очекува. Не доаѓаат за твое добро. Доаѓаат за себе и во помош на неспособната нивна инсталација како припомош во донесувањето на финалното решение за разнебитување на Македонија. Ова е до денес најсилниот противник против кого си играл. Од денес до 30-ти Септември ќе играш 90 минутен натпревар веројатно и продолженија против најсилниот тим на светот. Ќе играш нерамноправен натпревар каде сите ќе се на страната на твојот противник: светски играчи – тешкаши, публика, судии, делегати и што е најстрашно и во својот тим ќе имаш поткупени играчи кои ќе пропуштаат голови за пари.

Во младоста бев фудбалер, напаѓач и после секој тренинг имав дополнителен шутерски тренинг со еден прекрасен човек, ценет стручњак, Бујучето кој повеќе на шега ќе изговореше една реченица што стана антологиска. Цитирам:“Ламбе, удри ја топката силно, ниско по земја, в ќоше, АКО не ја одбрани голманот, гол ќе е.“

Денес стручниот штаб на СДСМ на чело со шефот ја применува истата тактика. Удира силно по својот народ, го понижува, терајќи го ниско да се поклонува, да ползи по земја и сака да го втера в ќоше, и тоа ќе му успее АКО голманот, читај народот, сето тоа не го одбрани.

На вакви големи натпревари одлучувачки фактор е мотивацијата. Тешко е, секогаш против себе народот имал за противник тим составен од врвни играчи. Секако заради тоа ни давале и голови, но никогаш, запомнете никогаш, не дале гол со кој народот го изгубил натпреварот. И сега ќе е така. Зошто? Еве зошто.

Прво: Овие “добронамерни“ посети зборуваат дека замисленото и посакуваното далеку е од оствареното. Резултатите што им беа биле ветиле лажговците кои непромислено го потценија сопствениот народ, се повеќе од поразителни.

Второ: Неодамнешната изјава на шефот на стручниот штаб кога го преколнува и моли ВМРО да излезе на референдум и при тоа колку сака нека го критикува Преспанскиот договор што во превод буквално  значи: “Отрујте се“ само испијте го новиот коктел пијалок направен од име, идентитет, јазик, историја и зачинет со новиот додаток територија украсен со наместо чадорчиња со спектрални бои со некролог за да конечно се озваничи нашето исчезнување.

Трето: Преговорите ги водевте почетнички, аматерски и крајно дилетантски. За вакви фундаментални прашања за опстанокот на државата и народот потребно е да се предвидат негативните последици за два (2) века однапред, а вие не видовте ни за 2 дена што ќе се случи. Само еден пример. Дали размислувавте каде ќе се најде Македонија ако во следните 10 години, што е голема веројатност, се распадне Европската Унија – сценарио на кое САД упорно работи. Тогаш Европа еруптивно ќе се прошири, овие постојни 30 членки на ЕУ ќе се распарчат на 200 мини национални државички. Уште ли наивно верувате во љубовта меѓу германскиот и францускиот народ? Знаете ли дека пред 60 години Валонците и Фламанците во Белгија беа во граѓанска војна и истата беше една од причините зошто Де Гол ја изваде Франција од НАТО, Париз беше заменет со Брисел како седиште на ЕУ и на НАТО. Верувате ли во заеднички живот меѓу Шкотска и Англија за чии жители Шкотите викаат дека се говеда, или во љубовта меѓу Ирска и Англија односно во љубовта помеѓу католиците и протестантите. Да ги спомнеме Тирол, Вал Гардена, Баскија, Каталонија и Галиција во Шпанија, Баскија и Корзика во Франција, огромната  нетрпеливоста помеѓу Прусите и Баварците во Германија, “слогата“ меѓу Романците и Унгарците во двете држави, Далмација и континенталниот дел на Хрватска, Италијанска Истра, Корушките Словенци итн.

Четврто: Изненадувачки ама вистинито цел свет има по некој интерес за и во Македонија, освен СДСМ која се интересира само за себе.

Петто: Вашите турбо фолк колумнисти со гадост, гнасотилаци, пизми и навреди кои не се упатуваат дури ни на диви животни стрвини се нафрлиле врз сопствениот народ. Продолжете, ќе ви вратат на 30 септември.

Шесто: Истите тие совладани од сопствениот гнев и омраза од врвни интелектуалци се претвораат во тотални копуци лажејќи ги оние кои не им веруваат дека ВМРО бил против АСНОМ, а цел состав на првиот президиум на АСНОМ беше сто посто од прекалени вмровци. Друга работа е што вашите предци со државен удар против волјата на македонскиот народот ги испоклавте, испотепавте и ги наполнивте со нив и нивните истомисленици затворите и работните логори.

Сме биле против Референдумот во 1991 год. Бевме против губењето време што се покажа навистина погубно по развојот на настаните во корист на Македонија. Декларацијата ја поднесовме на 9 јануари, а Референдумот се одржа на 8 Септември, односно со 8 месеци задоцнување во време кога саати и денови беа важни и одлучувачки за судбината на државата. Колку бевте државотворни и колку се радувавте се виде на прославата по успешниот референдум. На бината освен Киро Глигоров немаше ниту еден претставник од тогашната СКМ-ПДМ и од партијата на Андов, партии што упорно се обидуваа, копрцаа да ја сочуваат Југославија, макар и во скратена форма.

Седмо: Ванчо Михајлов, Бог да го прости, ја пишувам колумнава на денот на Неговото упокојување, ако бил жив, ќе се радувал со нас што сме биле вакви патриоти. Господине, додека ти, твоите другари и вашите родители бевте опиени со сталинизмот, ленинизмот и го применувавте Законот на Чекистите за прогон на сé што е прогресивно и учевте офицерски и полициски школи во Москва за поефикасно да го тероризирате сопствениот народ, Ванчо Михајлов и сите други народни трибуни прогонети од вас живееа во Европа – Европската Унија, САД и Канада и други демократски држави залагајќи се за интегрирање на Македонија во Европа со загарантирана заштита од Друштвото на народите во прво време, подоцна ООН (Организација на Обединетите нации) и под покровителство  на САД. Тие беа антикомунисти и прогласени за дисиденти. Вие – тешки, непоправливи и ортодоксни комунисти, сега ни држите лекции за ЕУ, НАТО и САД, демократија, човекови права и слободи. Смешно.

Осмо: Излезе на виделина вистината што со години неуспешно се обидувавте да ја сокриете. А, вистината е дека вие – комунистите, по душа и срце, во било кое руво да сте пресоблечете во живот ве одржува само една мисла, и тоа е вашиот мит за опстанок. Да ни се одмаздите нас затоа што ја растуривме вашата сакана Југославија и да ја распарчите Македонија до исчезнување.

Да не се залажуваме, на горештите солзи ваши по ЕУ и НАТО ви веруваме како на солзите на дете и на старец. Поделеноста кај македонскиот народ не е за и против НАТО и ЕУ.

Поделени сме на Вие кои во ЕУ и НАТО гледате профит, зачувување, валоризирање и зголемување на имотите незаконски стекнати притоа не двоумејќи се ни за момент да ја продадете Македонија и Ние кои сé, ама буквално сé што имаме би дале да ја сочуваме Македонија. Продумајте еднаш, Кој ќе победи?

На крај за насловот на колумнава. Елитниот Хор на насилници со неговата наменска изведба што ниту има некакви уметнички дострели, не допира до нашите уши. Лажна е, натурена и неприфатлива. Песната на малата птица певица полна со љубов, искреност, топлина и милосрдие, тоа е она што ги исполнува нашите срца и души. Македонците со радост и за навек ќе ја слушаат на нашата ненадминлива, незаменлива и секогаш до бескрај сакана птица певица.

Сосема на крај. Искрена и голема благодарност до сите членови на Хорот на насилници и до диригентот што толку често доаѓате во мојата татковина сега, држава за која до пред некој ден не ни знаевте каде е. Се разоткривте и се соголивте до крај па вашите зли и непријателски намери народот, до последен човек ги препозна и соодветно ќе ви одговори. Само се прашувам, Што понатака? Вие не трпите вистината да ви се каже во очи. Дали следи последната казна? НАТО Бомбардирање.

Нека ви е на чест.

 

Ставовите искажани во рубриката Колумни се лични ставови на авторите и не се автоматски и ставови на редакцијата на Republika.mk. Редакцијата на Republika.mk се оградува од ставовите во објавените колумни, а одговорноста за изнесеното во нив е исклучиво на авторот.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top