| четврток, 6 декември 2018 |

Кацарска ја деградира и вознемирува Јанкулоска – Комисијата за заштита од дискриминација бара изземање

Тие објаснија барањето за изземање се однесува на мислење добиено на 27 август од седум члена на Комисијата за заштита од дискриминација со кое таа го задолжува судот да ја отстрани веќе утврдената дискриминација во постапката

Поранешната министерка Гордана Јанкулоска бара судијката Добрила Кацарска да не ѝ суди во постапката за случајот „Тенк”. Нејзините адвокати, Боро Тасевски и Сања Алексиќ, на денешното рочиште доставија барање за изземање на Кацарска од овој предмет.

Причина за барањето на Кацарска е мислење донесено на 27 август од Комисијата за заштита од дискриминација со кое се заклучува дека судот отстапил од вообичаената пракса на закажување на рочиштата и дека постои дискриминаторско однесување и постапување што доведува до вознемирување и повреда на достоиснтвото на Јанкулоска како и дека тоа претставува заканувачка, понижувачка и застрашувачка практика. Во мислењето на комисијата, составена од 7 члена, која го разгледувала предметот за случајот „Тенк“ стои дека е утврдено вознемирување од страна на Кацарска до Јанкулоска и дека судијката ја депривилегирала и ја изложила Јанкулоска на деградирачки однос во областа на пол и политичка припадност од член 3 од законот. А од областа на социјалната сигурност и здравствената заштита, како и правосудството и управа од член 4 од истиот закон дошло до вознемирување со повреда на достоинството на Јанкулоска и се создала понижувачка состојба.

Ова мислење, според адвокатите, било доставено до судот кој не одговорил ниту дал образложение дали ќе ја отстрани таа дискриминација како што налагала седмчлената Комисија за заштита од дискриминација.

Во образложението на барањето за изземање на одбраната стои дека „мислењето на Комисијата за заштита од дискриминација е објективна потврда на наводите за пристрасност на судијата, која преку ограничување на правата за мајчинство, форсирајќи по секоја цена да се заврши што побрзо судењето на Гордана Јанкулоска на сметка на остварување на нејзините основни човекови права, загрозувајќи го на тој начин нејзиното здравје и здравјето на нејзиното дете, сериозно ја нарушува нејзината доверба во судот“.

Адвокатите на обвинетата Јанкулоска барањето за изземање на Кацарска го поткрепуваат и со фактот дека во пресудата која претходно беше донесена за овој предмет од истата судијка, а со која на затворски казни се осудени Никола Груевски и Ѓоко Поповски, Кацарска веќе ја осудила Јанкулоска. Според адвокатите, во пресудата стои дека Јанкулоска го поттикнала Поповски, кој е огласен за виновен, да стори кривично дело, а со тоа, велат адвокатите, на Јанкулоска ѝ е повредено правото на презумпција на невиност.

Овој случај е прв во македонското правосудство во кој надлежен орган утврдил дека судија прави дискриминација, па оттука и прв случај во историјата на нашето правосудство во кој се бара изземање на судија по овој основ.

Судијката Кацарска даде пауза од половина час за претседателот на судот, Иван Џолев, да се произнесе за барањето на адвокатите.

За денешното рочиште предвидено е да бидат сослушани шест сведоци предложени од обвинителството. Судијката Кацарска на почетокот на судењето за овој случај закажа 23 рочишта за помалку од 40 работни дена.

На претходното рочиште беа сослушани вкупно седум сведоци предложени од Обвинителството, кои на некој начин биле вклучени во јавната набавка на блиндираното возило „мерцедес гард“ во вредност од 600 илјади евра во 2012 година.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top