| четврток, 6 декември 2018 |

Бунтурчиња – Измислени Интрудери!

 Игор Доневски

Почитување на вољата на мнозинството, слобода во изразувањето, отворен ум, прифаќање на различностите, еволуирање во сфаќањата и ставовите согласно околностите, еманципација и инклузија на жените, следење на светските трендови, вклучување во збиднувањата на континентот во функција на остварување на вековните идеали во правни, морални и етички рамки…. Колку убаво тоа звучи, ако човек искрено го мисли, од душа, со цел да се остави поубав и поздрав свет на нашите најмили!

Со ваква слична реторика се јави една група на млади функционери, на кои не им беше по мерак функционирањето на нивната политичка партија во однос на концептот на решавање и одлучување во последните години. Секој човек со разум и рационалност, со утврдени принципи, ќе ги подржи гореспоменатите идеали како основа на подобар свет. Така и овие, но…

Проблемот се појавува, во раскошот на целата негова девијација, во личните интереси! Михајловски, Богојески, Илијовски, Богданов… доволно е, не сакам да се умислат како фактор!

Претседателот на правната комисија на Организацијата имаше интересен и возбудлив напредок во својата кариера. Стекната доверба, водење на сериозни теми од правен аспект, адвокатска кариера со силна позадина, секако со тоа и веќе обезбедена егзистенција велат, ако лажат – лажам и јас. Од таков статус одеднаш организацијата не е фер, претседателот е деспот, а во лаптопот има многу фајлови… се спрема нов статут, има место за претседавач на ЦК….Јуник форчрес на Кале, ево ме долазим!

Крушево е еден од најубавите и најживописни градови во Македонија. Оттаму доаѓа државниот секретар уште од далечните години од минатата декада, чија биографија е полна со неколкудневни курсеви и семинари, претежно на странски јазик. Не е тешко да се забележи дека во делот на функциите кои се извршувани тие се исклучиво државнички, на дојката на државниот буџет. Да се биде директор, државен секретар, тоа е веќе малку…сега сме делегирани во апсурден Заменик генсек, ама дома велат, сине – ти си за министер! Па така и во овој случај, Јуник форчрес на Кале, ту сам !

Претседател на Општиски комитет, па уште во Центар, браво за тебе Илија. Во Градот, во центарот, главен лик. Не беше баш пријатно да се чуе како член на Организацијата дека даваш оставка ‘’со време’’, знаејќи дека во ОК ги имате сите лични податоци на нашите гласачи, членови или подржувачи, сеедно…и нивните потреби, кои инаку ефектно беа искористени во двете кампањи пред десетина-петнаесет месеци. Верувам дека виски со мраз оди стварно добро со пура, не мора да е кубанска, во Чикаго. Убав скок во кариерата, многу ти завидуваат. Големо благодарам на Јуник форчрес на Кале, били смо и тамо !

Костадин Војводата, претставник на оваа групација, кој е во највисокиот орган на Организацијата, е еден од ретките, за разлика од Петрета, кој на социјалните мрежи постираше двосмислени ставови во врска со одговорноста која треба да се преземе…за среќа, децата од пето до осмо открија дека знамињата на ЕУ и НАТО се патоказ на обврската на 30ти септември…, но те немам на радар, за разлика од твоите соборци кои позираа на слики по бутици со новопечените градоначалници со скокотливи бекграунди, во европските и градовите по Северна Америка… паушално, но многу веројатно, согласно сликите по Фејсбук со граѓани/веројатно функционери од Америката со претседателот на Организацијата минативе денови, следува – Јуник форчрес на Кале, познајем те и ја!

Единаесет години на власт, со огромна поддршка, со нови стандарди и промени во многу сегменти во општеството, со победа на последни избори без успех да се формира влада, е навистина за паметење и почитување… но, се има крај, макар и предизвикан од арабаџии и телефонски повици…дури и тоа е здраво ! Но …

Не вртам околу Крагуевац, него во чело:

Дечки, вие сте инсталација која беше употребена да се смени една структура која долго се задржа на власт, да се смени структура на недемократски, насилен, незаконски начин !

– Вие сте изроди кои повлекоа маса на луѓе кои ги заблудивте со невистини и делумни невистини, правејќи раздор во Организација та, оставени во прашалници што ли се случи и каде дотеравме

– Вие чекорите по лешеви за кожни фотељи, а веројатно сте поставени под притисок таму каде што сте, гладни и жедни за власт

– Вие сте лицемери кои се претставуваат во различни ликови на различни места, во амбасади, во неколку Комитети, по локални и национални телевизии

– Застапувате тези и ставови кои не се изворни и не ја претставуваат Организацијата, изведувајќи гимнастики со мислења на држави и луѓе чии акредитации ги примил Претседателот Иванов

– Се криете во сенка очекувајќи ‘’вистински’’ функции по некои си следни избори

– Агитиравте во последните две кампањи и ги дававте податоците и ресурсите на политичките опоненти, велејќи апстиненција/бојкот, кој сега го презирате, праќајќи посредници кои излегуваа преку прозори од одредени Комитети, бидејќи имаа ваши насоки да предложат да се гласа за другите

Агитирате за поддршка на референдумот за наше самоукинување, и покрај тоа што препредено се преправате во одредени кругови со ставот дека Договорот е лош, полош не може да биде…вашите изјави по медиумите се поинакви и се косат со ставот на партијата поради која и единствено поради што јавноста ве препознава

Ви ги отварам очите, дечки, вие сте – ЗАВРШЕНА СТРАНСКА ИНВЕСТИЦИЈА!!!

Непочитувани остатоци од една бивша формација, ниту ке претседавате со Централниот Комитет, ниту Министри ќе бидете, ниту Амбасадори на други континенти, ниту функциите Генсечки или слични ќе продолжат, ниту пак ќе бидете примени во некој Комитет како дел од Организацијата, бидејќи во нашето сеќавање е вашето предавство и лицемерие минатите две години …

Вие не можевте да ја најдете вратата од ‘’терасата’’, ниту пак од лифтот на четвртиот спрат, а камо ли нешто повеќе!

Ние, членовите на Организацијата, тоа нема да го дозволиме !

Оттука, Претседателе Христијан Мицковски – интелектуалец, функционер, татко и сопруг, сегашен бранител на македонскиот идентитет и држава, Ве повикуваме и подржуваме да треснете на маса и да ги поставите односните работи на вистинскиот колосек. Односот на Вашите луѓе е слика за Вас, бидејќи тие се Ваш избор !

ПРЕТСЕДАТЕЛЕ, ЈА ИМАТЕ НАШАТА ИНИЦИЈАТИВА И ПОДДРШКА ИТНО ДА РАСЧИСТИТЕ СО ВАКВИТЕ ЛИКОВИ, БИДЕЈЌИ ВО СПРОТИВНО, ВАШИОТ ЛИК ЌЕ БИДЕ ИЗВАЛКАН ВО НАШИТЕ ОЧИ !

Ставовите искажани во рубриката Колумни се лични ставови на авторите и не се автоматски и ставови на редакцијата на Republika.mk. Редакцијата на Republika.mk се оградува од ставовите во објавените колумни, а одговорноста за изнесеното во нив е исклучиво на авторот.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top