| четврток, 6 декември 2018 |

Што е точно – Излези за европска Македонија или излези за европски Македонци?!

 Предраг Димитровски

Народот ги чита само насловите, се пожали пред извесно време владиниот пи-ар тим. Во контекст, чинам беше за сумата од 670.000 евра предвидена за цвекиња, пи-арџиите побараа да се читаат целите информации за да се види дека народните пари биле предвидени за период од три години и за неколку други објекти, а не само за холтикултурно уредување на зградата на Владата.

Со (не)официјалниот почеток на кампањата за претстојниот референдум, пак, станува јасно дека тоа што неодамна беше предмет на критика сега е главен адут на Владата-насловот! Или, подобро речено, мотото за позитивно референдумско изјаснување кое гласи „Излези ЗА европска Македонија!„. И веднаш се поставуваат прашањата за по милион долари-дали е тоа точно или поточно е тоа да гласи „Излези ЗА европски Македонци!„ Или, во крајна линија, не се точни ни едното, ни другото, со што кампањата уште во самиот старт се трансформира во гола манипулација со граѓаните, особено со Македонците?

Ако се следи логиката на владиниот пи-ар тим и не се чита само насловот, туку целата информација, тогаш мотото „Излези ЗА европска Македонија!„ нема ништо заедничко со вистината. Уште повеќе, тоа е во директна спротивност со тоа што го говори угледниот, честитиот и достоинствен премиер на се уште Република Македонија, Зоран Заев, човекот кој додека го дише овој македонски воздух, додека го држи памет дека неговиот дедо, татко, сите негови претци, тој, неговите син и ќерка се Македонци, родени овде во Македонија, немаше да го смени името на државата, но и не само тоа, туку и веруваше дека не постои роден човек во Македонија, кој е подготвен да излезе пред Парламентот и да побара промена на Уставот заради промена на уставното име, човекот кој, сепак, ќе биде премиер на Република Северна Македонија. Зошто? Одговорот е едноставен. Не може да станува збор за „европска Македонија„ кога и почетокот на преговорите со ЕУ и членството во НАТО сега се директно поврзани со промена на името Република Македонија во Република Северна Македонија! Што значи дека за да биде точно, мотото треба да гласи „Излези ЗА европска Северна Македонија!„.

Но, веројатно домашните и странските пи-ар стратези процениле дека „европска Македонија„ звучи многу подобро од „европска Северна Македонија„, без оглед на тоа што меѓу двата поима и вистината има разлика како меѓу Бог и шеширџија. И сега се поставува второто прашање-зошто за мото во кампањата, на пример, не е земен насловот „Излези ЗА европски Македонци!„? Што, верувам ќе се согласите, звучи многу поубаво и посветски од она „племе Македонци„. А, башка, нели, согласно спогодбата со Грција, како што не убедува премиерот, конечно е решено и идентитетското прашање.

– Со договорот ги зајакнуваме нашите национални атрибути за еден народ. Никој понатаму и никогаш повеќе нема да може да го оспорува правото на нашето национално самоопределување. Грција прифати дека ние сме Македонци и зборуваме македонски јазик. Тоа е прашање затворено за век, потенцираше, меѓу другото, господинот Заев на митингот во Штип.

Од-лич-нооо! Таман за мото „Излези ЗА европски Македонци„. И, што е поважно, апсолутно е поточно од актуелното. Ама, по се изгледа, и за ова има пречки! Да не се јават истовремено и Ципрас, и Коѕијас, и Каменос, па во хор да ни порачаат дека тие, повторно согласно спогодбата од Нивици, не признале никакво постоење на Македонци! Па, да „пукне брука во нашето село„ и на виделина да излезе дека од „поделениот идентитет„ нема ништо! Што со други зборови би значело дека и евентуалното мото „Излези ЗА европски Македонци!„ нема допирни точки со вистината.

Премиерот Заев завчера учествуваше на конференцијата „Македонија гледа напред: мигот е да се фати возот за ЕУ„ и уште еднаш ја повика опозициската ВМРО-ДПМНЕ да се приклучи и да овозможи успешен референдум за, како што рече, успешна иднина на заедничката држава.

– Како премиер имам мандат до 2020 година. Ако референдумот падне и не успее ние веројатно завршуваме со политиките овде. Но, зошто би ни била потребата од владеење кога ни нема иднина државата. Оттука ги црпам ставовите за одговорноста на сите главни политички чинители политички во државата вклучително и ВМРО-ДПМНЕ дека мора да се застане во обезбедување просперитетна иднина на РМ, потенцираше, меѓу другото, тој.

Веднаш паѓа в очи неговото ново „престројување„ којзнае кое по ред. Изгледа не вреди ни да се бројат. Сега, ако падне референдумот, нема натаму да одлучуваат институциите на системот! Туку, веројатно, завршува со политиките! Значи, веројатно, а не сигурно. Нејсе, тоа е негов избор. Но, многу пострашен е вториот дел од пораката. Дека не би имал потреба од владеење кога државата не ќе имала иднина! Е, истата таа држава имаше каква-таква иднина уште пред повеќе од 20 години, кога Европа донесе декларација со која се препорачуваше во нејзиното име да не се содржи ниту зборот Македонија. Па преживеа. Еве, до ден денес.

Ставовите искажани во рубриката Колумни се лични ставови на авторите и не се автоматски и ставови на редакцијата на Republika.mk. Редакцијата на Republika.mk се оградува од ставовите во објавените колумни, а одговорноста за изнесеното во нив е исклучиво на авторот.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top