| четврток, 6 декември 2018 |

Патувањето до работа да влезе во работно време

Патниците во градскиот превоз толку често на пат кон работа испраќаат мејлови, што тоа време би требало да се смета како работни часови, тврдат истражувачи од Универзитетот на западна Англија.

Пристапот до безжичен интернет во возилата на градскиот превоз и се почестата употреба на мобилни телефони го продолжуваат работниот ден, покажала недамнешна студија.

Истражувањето, во кое биле опфатени 5.000 патници на градските линии во Лондон откако безжичниот интернет стана подостапен, покажало дека 54 отсто од патниците користеле мрежа од градскиот превоз за да пратат мејлови на работа. Останатите за испраќање мејлови поврзани со работата користеле интернет од сопствените телефони.

Резултатите од студијата говорат и дека подобра интернет конекција влијаела врз тоа да се продолжат работните часови и повеќе луѓе да користат лаптопи и телефони како би работеле додека се во градскиот превоз.

Истражувањето го поставува прашањето за рамнотежа меѓу работата и приватниот живот и дали е здраво да се продолжува работниот ден, имајќи предвид дека луѓето рутински одговараат на мејловите вон работното време.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top