| четврток, 6 декември 2018 |

Димитров на неформален состанок во Виена

Министерот за надворешни работи Никола Димитров денеска и утре во Виена ќе учествува на неформалниот состанок на министрите за надворешни работи на земјите-членки на Европската унија и земјите-кандидати за членство во ЕУ: Република Македонија, Албанија, Црна Гора, Србија и Турција.

Димитров оди на состанокот на покана од високиот претставник на ЕУ за надворешни работи и безбедносна политика, Федерика Могерини и министерката за Европа, интеграција и надворешни работи на Австрија Карин Кнајсел, во својство на земја претседавач со Советот на ЕУ.

Како што информираат од МНР, дискусиите на состанокот ќе се фокусираат на прашања поврзани со ефективниот мултилатерализам, како еден од приоритетите на австриското претседателство со Советот на ЕУ и Глобалната стратегија за надворешната и безбедносна политика на ЕУ.

На маргините на состанокот, во организација на австриското претседателство, министерот Димитров ќе учествува и на работен ручек на министрите за надворешни работи на земјите-членки на ЕУ со министрите за надворешни работи на земјите од Југоисточна Европа и Турција, на кој ќе се дискутира за прашања поврзани со дигиталната инфраструктура.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top