| четврток, 6 декември 2018 |

Заев-Флорес: Развојот на демократските капацитети ја носат Македонија до ЕУ и НАТО

Честитки за постигнувањето на договорот со Грција и признание за досегашните реформски процеси на Македонија денеска на премиерот Зоран Заев му оддадоа делегација на конгресмени на САД, кои предводени од нивниот колега Бил Флорес кои се во посета на нашата земја.

Како што соопшти владината прес-служба, на средбата на која присуствуваа и министерка за одбрана Радмила Шекеринска, министерот за  надворешни работи Никола Димитров, Националниот координатор за НАТО Стево Пендаровски, и советниците во Кабинетот на премиерот Зоран Верушевски, Митко Андреевски и Бојан Маричиќ, конгресмените на САД изразиле голема благодарност за можноста да се сретнат со премиерот и со претставници на Владата.

Заев ги информирал американските конгресмени за околностите во кои беше постигнат договорот со Република Грција, придобивките од него, како и за подготовките за претстојниот референдум и за кампањата што му претходи. Премиерот Заев нагласил дека освен неговото постигнување во насока на решавање на тридеценискиот спор за името којшто ги блокираше евро-атлантските аспирации на земјата, Република Македонија се стекна со нов силен пријател и поддржувач, членка на ЕУ, Република Грција, а двете земји му покажаа на регионот и на светот дека со добра волја и подготвеност не постои нерешливо прашање.

-Со овој договор, како и со договорот со Република Бугарија, и со реафирмација на односите со сите свои други соседи, како и со другите земји од регионот, Република Македонија, од генератор на кризи стана фактор на стабилизација и промотор на конструктивна соработка која го сврте вниманието на Европската Унија и САД во регионот, и даде нов импулс во зацврстувањето на јасната насока кон која се движат земјите од Западен Балкан – членство кон ЕУ и НАТО, се наведува во соопштението.

Конгресмените на средбата покажале интерес и за други прашања од стратешко-безбедносен карактер, а ја истакнале улогата и учеството на Македонија во заедничките мировни мисии со САД во Авганистан и во Ирак, како активности кои ја приближуваат земјава до полноправното членство во ЕУ и НАТО, и го потврдува стратешкото партнерство со САД.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top