Во Кривичниот суд утре ќе се одржи четвртото рочиште за насилствата во Собранието на 27 април 2017 година, за кои Обвинителството поднесе обвинение против 33 лица, – пратеници, поранешни функционери, јавни личности, полицајци, од кои против 31 за „ терористичко загрозување на уставниот поредок“, а двајца за помагање.
За утре е закажан воведниот збор на обраната за обвинетиот Горанчо Ангеловски, чиј бранител го напушти среде рочиштето во петокот, бидејќи немал доволно време да се подготви, бидејќи не му биле доставени обвинителниот акт и доказите.
По ова обвинетите ќе треба да се изјаснат дали се чувствуваат за виновни по обвиненијата.
В петок, 31 август, треба да почне доказната постапка, кога треба да бидат сослушани првите четворица сведоци предложени од ОЈО.
Првите четворица пратеници кои се поканети да сведочат се Фросина Ременски, Павле Богоевски и Илија Николовски, како и министерот за информатичко општество и администрација, Дамјан Манчевски.
Меѓу останатите што ќе се појават како сведоци се и Мухамед Зекири и градоначалникот на Скопје, Петре Шилегов, а на седми септември сведоци ќе бидат премиерот Зоран Заев, министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски, како и Никола Тодоров и Весел Мемеди.
Меѓу 36 сведоци на Обвинителството ќе сведочат и Енес Ибрахим, Петар Атанасов, Катерина Кузмановска, Хари Локвенец. Ферид Мухиќ, Курто Дудуш и новинарката Душица Мрѓа. Обвинителството предложило и заштитен сведок.
Судијката Добрила Кацарска, закажа 37 рочишта од 22 август до крајот на ноември.
Што се случуваше на третото рочиште
Владо Јовановски, чиј бранител Ставре Џиков, пред паузата ги изнесе воведните зборови, истакна дека го повлекува полномошното на Џиков, упатувајќи извинување кон судечкиот совет за наведените „навреди“ од страна на Џиков.
Пратениците Крсто Мукоски и Сашо Василевски изјавија дека жалат што нивни колеги биле претепани.
Основата на обвинението е како од книгата „Дружината братско стебло”, рече Мукоски и додаде дека освен со колегите, не се познавал со останатите обвинети и според тоа, обвинението е во една основа нелогично. Мукоски, исто така кажа дека не го попречиле изборот на Претседател на Собранието, туку правеле кворум и дека жали за тоа што се случувало на пратениците, бидејќи тој со нив работел со години.
Василевски исто така рече дека немал никаква комуникација при која се спремало план да се спречи изборот на претседател.
Не ни можам да направам акт на тероризам. Се заколнав и пред моето семејство дека ништо не сум знаел, не сум договарал, дека сум имал некаква умисла. Вакво обвинение со кое се обвинуваме за тероризам го има само во Македонија и Венецуела, рече Василевски.
Мускоски и Василевски беа дел од пратениците кои на 27 април ги отворија вратите на Собранието, по што толпата влезе во зградата, а со нив и лицата со качулки, по што започнаа насилствата.
Обвинетиот Митко Чавков, поранешен директор на Бирото за јавна безбедност во воведните зборови наведе дека поради збунетост и неодлучност на полициските службеници пред Собранието лично презел команда за консолидација.
Според Чавков, со негова проактивност и интервенција нападот на Собранието поминал без ескалации и без жртви, се реагирало навреме и за час и 20 минути ситуацијата била под контрола.
Тој рече дека откако интервенирал биле обезбедени дополнителни луѓе од единицата за специјални задачи, ги дал потребните наредби, како и дека жали за неуспешноста на единиците при влез во Парламентот.
Обвинителката Вилма Русковска завчера во воведните зборови рече дека ќе докажат оти Чавков бил информиран за сите настани.
Адвокатот на Нинџа: За време на нападот во Собранието, Нинџа беше во кафуле
Адвокатот на обвинетиот Александар Василевски-Нинџа, Оливер Вуксановиќ, во воведните зборови во судницата кажа дека ќе докаже оти неговиот браненик на 27 април не бил во Собранието за време на организираниот напад лани. Тој кажа дека не е точно обвинението оти Нинџа бил организатор, налогодавач и координатор на нападот на Собранието. Нинџа е еден од 33-та обвинети за терористичко загрозување на уставниот поредок.
Ќе ви ја претставиме шемата на движење на Александар Василевски, ниту влегол ниту бил во Собранието како што Обвинителството бомбастично најавува и дека Кољо и Нинџа го координирале нападот на Собранието. Ќе докажеме во доказна постапка дека Александар Василевски во тој период пиел кафе и уживал во ресторанот ‘Дион’ и кафулето „’Тренд’ за што може да има проблем само со неговата сопруга, а никако со државата за насилно рушење на уставниот поредок, рече Вуксановиќ.
Адвокатот Јанев: Игор Југ влегол во Собранието за да го одбрани Уставот
Адвокатот на Игор Југ кажа дека наводите на Обвинителството дека обвинетиот Игор се упатил кон пратеникот Зоран Заев, посегнал по пиштол се само празни зборови и чиста клевета.
Адвокатот Сашо Јанев рече дека Игор Југ влегол во Собранието на 27 април за да спречи пуч, за да спречи неуставен избор на претседател на Собрание, како и поради револт од пеење на химна на странска држава.
Игор Југ ми одговори дека влегол во Собрание за да го одбрани Уставот, бидејќи, како државјанин бил должен да го одбрани суверенитетот на својата држава. Мојот клиент ми одговори дека срамота е маж од 120 килограми, патриот, да стои и да гледа како баби и дедовци влегуваат да го бранат Уставот и ми одговори дека нема да можел да се погледне во огледало доколку на 27 април не влезел со толпата во Собрание за да го одбрани Уставот, рече адвокатот Јанев пред судот.
Во текот на двата дена колку што траеа воведните зборови на одбраната, тие го негираа обвинението и обвинија дека е политички мотивирано.
Обвинети се Љубен Арнаудов, Сашо Василевски, Крсто Мукоски, Љупчо Димовски, Јохан Тарчуловски, Митко Чавков, Митко Пешовски, Душко Лазаров, Горан Јошевски-Леви, Оливер Поповски, Оливер Радулов, Сашко Марковски, Мунир Пепиќ, Абдуљфета Алими, Елена Доцевска-Божиновска, Иван Цветановски, Борис Дамовски, Богдан Илиевски-Бетмен, Владо Јовановски, Игор Дурловски, Стефан Младеновски, Михаил Младеновски, Захарие Симовски, Младен Додевски, Јане Ченто, Горанче Ангеловски, Игор Југ, Илија Славески, Влатко Трајков, Вилијам Михајловски, Никола Митревски-Кољо, Александар Василевски-Нинџа и Митре Питроповски.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Последни
-
Сензационално: Северина се разведува од Игор, поради познатата водителка!
-
Фатална сообраќајка кај Струмица: Со „Корса“ излетал од патот, загинал на лице место
-
Шон Пен во Истанбул: Ќе снима документарец за убиениот новинар Џамал Кашоги (видео)
-
Димитров: Зборовите „нација со комплекс“ се извадени од контекст