| четврток, 6 декември 2018 |

Не им чинеа досегашните: Владата ги спушти критериумите за избор на авиопревозник

Владата на СДСМ прави се на граѓаните да им оневозможи излез од државата. Поради нејзините непромислени постапки за одложување на постапката за субвенционирање евтини летови, дел од тие летови се укинати, а ништо чудно ако тој тренд на укинување продолжи. Така лицата кои со посредство на евтините летови посетија дел од светските метрополи, сега ќе си седат дома, бидејќи другите летови се скапи. Во превод тоа значи дека  ќе летаат само тие што имаат пари. И откако се увиде дека граѓаните ќе останат без евтини летови, владата реши да ги спушти критериумите што треба да ги исполни авиокомпанијата за да добие финансиска поддршка за евтини летови.

Со новата уредба, субвенционираната авиокомпанија има обврска до 10 јануари 2019 да воспостави или да одржи база од најмалку еден авион на еден од аеродромите, во период од три години. Дали на скопскиот или на охридскиот аеродром, авиокомпанијата може да избере сама. Со претходниот јавен повик беше предвидено задолжително воспоставување на една база на скопскиот и една база на охридскиот аеродром.
Според министерот за транспорт и врски Горан Сугарески, услов за субвенционирање е авиокомпанијата да почне да лета до најмалку две нови дестинации од скопскиот аеродром, најдоцна до 10 јануари 2019 година, и до најмалку 4 нови дестинации од охридскиот аеродром, со тоа што првите две треба да се остварат до 10 јануари а другите две во рок од една година. Притоа, новите дестинации од охридскиот аеродром може да бидат и такви на кои се лета и од скопскиот аеродром. Со претходниот јавен повик беше предвидено новите летови од „Св. Апостол Павле“ да не биле опслужувани последните две сезони ни од охридскиот ни од скопскиот аеродром.

Засега нема поконкретни информации дали и други компании, освен „Визер“ кој конкурираше на претходниот оглас, се заинтересирани за субвенционирани летови од двата македонски аеродроми.

Владата на седницата во среда ги донесе уредбата за начинот и поблиските критериуми за доделување на финансиска поддршка на авиокомпании и Програмата за определување на средства потребни за финансиска поддршка за поттикнување и развој на воздушниот сообраќај во Македонија 2019-2021. Програмата ќе се применува од први јануари 2019 до 31 декември 2021. Следен чекор е формирање комисија за спроведување на постапката за доделување финансиска поддршка која ќе го објави новиот јавен повик за доставување барања за финансиска поддршка. Јавниот повик ќе биде објавен во домашни и странски гласила и на веб-страницата на Министерството за транспорт и врски. Новата тригодишна помош е најавена во износ од 5 милиони евра.

Унгарскиот авиопревозник „Визер“ во два циклуса од по три години доби финансиска помош од 9,5 милиони евра. Воспостави 30 линии до 14 земји.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top