| четврток, 6 декември 2018 |

Долу Ципрас, ОХИ Македоња – вака ќе го дочекаат грчкиот премиер во Солун на 8 септември

Протести против Договорот од Преспа организираат здруженијата од грчката дијаспора и „Комитетот за борба за Македонија” на 8-ми септември, односно на денот кога свечено ќе биде отворен 83. Меѓународен саем во Солун и свое обраќање ќе има грчкиот премиер.

– На 8-ми септември на Меѓународниот саем во Солун, грчкиот народ ќе покаже дека премиерот Алексис Ципрас, министерот за надворешни работи Никос Коѕијас, коалициониот партнер Панос Каменос, сите министри од владата и политичарите што го поддржуваат Договорот од Преспа се непожелни во Солун и Македонија, бидејќи со договорот го финализираа историскиот криминал што води до поделба на земјата и е против грчкиот народ, пишуваат организаторите во нивниот повик преку социјалните мрежи и додаваат дека ако не се поништи Договорот од Преспа „веќе нема да постои слободна Грција”, а „со Договорот е потпишана смртта на Македонија и на Грција”.

Како што јави дописничката на МИА од Атина, паралелно и независно од собирот за „одбрана на Македонија”, протест, речиси во исто време, организираат и синдикатите.

Синдикатот ПАМЕ на Комунистичката партија на Грција, ги повикува граѓаните да им се придружат и против владината политика, но и поради Договорот од Преспа и НАТО.

Двата најголеми синдикати на вработените во приватниот и јавниот сектор, исто така ќе одржат протест, но исклучиво поради економската ситуација во земјата, со барање да се поништат сите мерки што произлегуваат од меморандумите.

Не е исклучена можноста, до свеченото отворање на саемот на 8-ми септември да се закажат и други протести.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top