| четврток, 6 декември 2018 |

Нацев: Шекеринска остави илјадници војници веќе неколку недела без организиран платен превоз

Радмила Шекеринска е неспособна и неодговорна. Илјадници војници од 30-тина населени места во државата со недели немаат организиран платен превоз од своето место на живеење до касарната во која се распоредени, изјави денес Александар Нацев од ВМРО-ДПМНЕ.

Тој посочи дека документ од кој се гледа дека војници од 30-тина населени места, опфатени со 16 линии со денови немаат организиран превоз, а за да стигнат до касарната во која работат плаќаат од сопствен џеб.

-Припадниците на АРМ кои сообраќаат на релацијата Велес – Петровец – Чојлија, немаат платен превоз од 31.07.2018 година, односно повеќе од две недели. Додека Крушево – Кривогаштани – Прилеп и Битола – Прилеп, немаат платен превоз од 27.07.2018 односно 3 недели. На релациите Дебар – Кичево, Гостивар – Скопје, Пробиштип – Кратово – Куманово – Скопје, Неготино – Велес – Куманово, Неготино – Кавадарци – Росоман – Градско – Скопје, Македонски Брод – Кичево и Самоков – Македонски Брод – Кичево, организиран платен превоз нема заклучно од 03.08.2018 година, односно 2 недели. Слична е ситуацијата и со војниците кои патуваат на релацијата, Виница – Кочани – Штип – Св.Николе – Петровец и Скопје – Велес, кои немаат превоз од 07.08.2018. Припадниците на АРМ кои одат на релацијата Скопје – Тетово – Гостивар – Кичево, Штип – Св.Николе – Петровец, Скопје – Куманово и Скопје – Велес – Штип од 17 август исто така останаа без превоз. Почитувани, ова се фактите, овој документ го потврдува тоа. Војниците се оставени да се снаоѓаат како знаат и умеат. До работа одат со сопствен превоз и на сопствен трошок, нагласува Нацев.

Тој посочи дека сето ова се случува додека Шекеринска одвојува 1 милион евра од Буџетот на Минисерството за Одбрана за поддршка на капитулантскиот договор.

-1 милион евра изнесува сумата со која може да се покрие повеќе од една третина од годишниот превоз на армијата и тоа за сите 45 дестинации, но наместо за превоз на војниците, Шекеринска се одлучи овие пари да ги даде за промоција на капитулантскиот договор за промена на името. Војниците кои секогаш треба да бидат во полна борбена готовност, се оставени од Шекеринска да лутаат по патиштата низ државата во обид да стасаат до касарната во која работат. Шекеринска го погази достоинството на војниците. Ова е срам за АРМ. Ова е дно. Армијата ја водат неодговорни луѓе, кои воопшто не им е грижа во какви услови работи војската. Ова мора да запре. Понижувачкиот однос кон војниците мора да запре. СДСМ мора да си замине, изјави денес Нацев.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top