ЈСП информира дека од утре (22 август), па во наредните шест години се воведува нов сообраќаен режим на булеварот „Македонија“ (Јужен Булевар, зад Музејот на Град Скопје и ТЦ „Рамстор“). Притоа ќе се промени и трасата на линијата „9“, а ќе се дислоцира и една автобуска постојка.
Промената се врши поради градежни активности за изградба на подземна сообраќајница на компанијата „Лимак“.
-Автобуското стојалиште на булеварот ‘Македонија’, кое што е во непосредна близина на катната гаража (наспроти седиштето на „Макпетрол“), привремено ќе се премести на улицата ‘Јордан Мијалков’ (поранешна улица ‘Железничка’), после пешачкиот премин кој води до паркот ‘Урбан парк’ – велат од ЈСП.
Трасата на движење на „9-ка“ ќе биде променета во насока од Клиничкиот центар кон Скопје Север.
-Автобусите од посочената линија на крстосницата меѓу улицата ‘Јордан Мијалков“ (поранешната улица ‘Железничка’) и улицата ‘Герман’, нема да вртат лево кон булеварот ‘Македонија’, туку, ќе продолжат да се движат право и истите подоцна ќе се приклучат кон „Македонија“ преку привремена улица пред натпатникот на улицата ‘Павел Шатев’ (поранешна ‘Бихаќка’) при што ќе продолжат да се движат по постојната траса на линијата ‘9’ – соопштува ЈСП.
Апелираат до сите учесници во сообраќајот да се придржуваат на привремено воведениот сообраќаен режим, да ја почитуваат поставената патна сигнализација и брзината на движење да ја приспособат на условите на патот.
Инаку, периодов турската компанија „Лимак холдинг“, сопственик на земјиштето кај Старата железничка станица, почна да го оградува просторот. Лимак ќе гради подземен булевар на местото на Јужен булевар со шест коловозни ленти и со должина од 800 метри, на потегот меѓу НИП „Нова Македонија“ и булеварот „Борис Трајковски“. Според најавите, оваа сообраќајница треба да овозможи растоварување на дел од сообраќајниот метеж во строгиот центар на Скопје, но и побрзо патување меѓу населбите Карпош, Кисела Вода и Аеродром.
„Лимак“ во март 2012 година го купи градежното земјиште за да гради надземен комплекс со површина од околу 300.000 метри квадратни. Како дел од договорот, Лимак“ треба на своја сметка да го изгради подземниот булевар, а за возврат ќе го добие земјиштето над сообраќајницата и на него ќе го гради комплексот. На локацијата е најавена изградба на четири блока со околу 2.000 станови во 20-катни објекти, канцеларии, трговски центар, простор за културни активности, паркинг… Вкупната инвестиција е вредна 250 милиони евра.
„Лимак“ по изградбата ќе има обврска сообраќајницата да ја предаде во владеење на Град Скопје.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.