Македонија бара да се интензивираат разговорите по покровителство на ОН за спорот за името, а статус-кво состојбата со интеграцијата е неодржлива, оценил амбасадорот Јолевски во Вашингтон, пишува Дојче Веле.
Амбасадорот Зоран Јолевски во Конгресот на САД ноќта кон четвртокот говорел пред членовите на Парламентарното собрание на НАТО и во своето обраќање ги информираше дека Република Македонија е искрено посветена на изнаоѓање на заемно прифатливо решение за разликите околу името, со кое ќе се зачувуваат националниот идентитет и достоинство. Македонија ќе продолжи конструктивно да учествува во овие разговори, како што секогаш и правела.
Тој информирал дека амбасадорот Метју Нимиц, специјален пратеник на генералниот секретар на Обединетите нации, на 7-ми април на двете страни им презентирал предлог. Неколку дена потоа медијаторот е известен дека македонската страна е подготвена за средба на која ќе се разговара за предлогот. За жал, поминати се три месеца од тогаш, сe‘ уште не постои одговор од другата страна. Воедно Јолевски информирал и дека премиерот Груевски пред две седмици испрати писмо до премиерот Самарас со предлог за состанок на преговарачките тимови на двете земји, предводени од страна на премиерите, а со посредство на Нимиц. Во своето обраќање амбасадорот Јолевски се осврнал на пресудата на Меѓународниот суд на правдата од декември 2011. година и истакна дека Македонија очекува Грција да ја почитува пресудата на Судот и да не го блокира консензусот Македонија да го добие заслуженото место во НАТО и во ЕУ.
„Состојбата на статус-кво е неодржлива за Република Македонија. Таа е неодржлива и за Европа. Интеграцијата на мојата земја во НАТО ќе има позитивно влијание не само во мојата земја и нејзините граѓани, туку за целиот регион на Југоисточна Европа, вклучувајќи го и нашиот сосед Грција“, истакнал амбасадорот Јолевски.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.