| четврток, 6 декември 2018 |

Апасиев: Владата не смее да води кампања за референдум со државни пари

Владата нема право бидејќи не е овластен предлагач, но сепак го најави почетокот на кампањата за референдумот и тоа со државни пари. На таков начин го крши Законот за референдум, Пржинскиот договор како и препораките на Венецијанската комисија, велат правните експерти, објави Алфа ТВ.

Според дел од нив воопшто и не постои референдумско рекламирање туку само јавна пропаганда која почнува на самиот ден на распишувањето на референдумот. Други пак, тврдат дека владата ја започнува предвреме јавната кампања бидејќи просто ја смета за нерегулирано прашање иако е јасно дека во случај на непостоење на норми за референддумска кампања се применува Изборниот законик. А тој законик пак, предвидува само 20 дена референдумска кампања која во овој случај мора да почне дури на 10 септември. Дополнителен проблем е и неопходноста од обезбедување еднакви услови и достапност до јавните медиуми за сите оние кои сакаат да се произнесат во врска со референдумот, а што е регулирано и во членот два на кодексот на Венецијанската комисија.

– Во истиот член се регулира и забраната за јавно финансирање, односно се предвидува само партиско финансирање на кампањата. Тоа значи, доколку СДСМ, ВМРО-ДПМНЕ или Левица сметаат дека треба да водат камапња, тогаш треба самите да ја финансираат, но никако не смее да се допираат буџетските пари – вели универзитетскиот професор Димитар Апасиев.

На забелешката дека Владата ја убедува јавноста дека нејзината кампања е само информативна, Апасиев дециден.

-Тоа е злоупотреба на правото. Владата не смее да води кампања со државни пари и точка. Можат партиите, но Собранието или Владата не, бидејќи тие немаат други пари освен државните. Секое финансирање на таква кампања макар и да се нарекува информативна е пречекорување на добрите референдумски практики застапени во Советот на Европа – објаснува Апасиев.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top