| четврток, 6 декември 2018 |

И Министерството за економија давало државни пари без да провери дали фирмите се поврзани со функционери

Министерот за економија, Крешник Бектеши, на прес-конференција информира за реализацијата на дел од мерките за поддршка на малите и средните претпријатија како дел од Програмата за конкурентност, иновации и претприемаштво за 2018 година.

„Во втората половина од минатата година со ребалансот на буџетот овие средства ги зголемивме за цели 180 проценти, па претприемачите имаа на располагање солидна сума од 25 милиони денари. Годинава таа поддршка ја зголемивме со дополнителни 60 отсто, односно издвоивме 38 милиони и 390 илјади денари, а програмата ја збогативме со нови мерки креирани на барање и во корист на претприемачите“, рече Бектеши и додаде дека средствата биле поделени по принципот прв дојден, прв услужен.

Пред две недели Министерството за економија ги исплатило парите на фирми кои аплицирале за државна помош, no без да побара поврзаност на сопствениците со владини функционери, информира 24вести.мк. Министерот Бектеши потврдил за телевизијата дека ниту тој, ниту негов член на семејството не аплицирал на огласот за свои компании. Министерот кој веќе ставил потпис, се повика на Комисија, која оценила дека компаниите ги поминале сите процедури, па не било потребно да достават изјава. Оваа комисија е истатаа во која членува шефицата на кабинетот на вицепремиерот, Кочо Анѓушев, Софче Јовановска за која Анѓушев тврдеше дека таа се изземала од одлучувањето кога се разгледувале апликациите на фирмите каде тој е косопственик. Анѓушев освен што ги повлече фирмите од Фондот за иновации по скандалите кои беа обелоденети во јавноста, пари не зема ниту од Агенцијата за странски инвестиции.

-Јас можам да кажам за мене лично како министер за економија кој ги потпишува овие средства, јас немам личен интерес или конфликт на интереси со ниедна од компаниите. Ниеден од моите блиски не аплицирал – рече министерот за економија, Крешник Бектеши.

Од над 38 милиони денари, најмногу средства биле издвоени за набавка на опрема и тоа 20 милиони, за кои аплицирале вкупно 179 фирми. Кои од нив добиле пари од Министерството за економија не кажуваат.

Освен Министерството за економија, пари на над 100 фирми им одобри и Агенцијата за странски инвестиции и во овој случај од фирмите не било побарало да достават изјави, и тие се уште се непознати за јавноста. Од Агенцијата се правдаа дека евалуацијата ја правела владина Комисија, која позитивно ги оценила компаниите.

 

 

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top