| четврток, 6 декември 2018 |

Алаѓозовски им завидува на Шекеринска и Филипче: „Да крадев како нив, немаше да ме сменат“

Поранешниот министер за култура Роберт Алаѓозовски отворено им завидува на министрите како Радмила Шекеринска и Венко Филипче. Тој на гостување во емисијата „Отпуштено“ призна дека чувствува одредена завидливост кон повеќе министри во владата на Република Македонија, негови поранешни колеги како Шекеринска и Филипче, затоа што и покрај бројните скандали и големи сомнежи за криминали со кои се поврзани нивните имиња, тие се сеуште во владата како дел од тимот „незаменливи“ на премиерот господинот Зоран Заев.

„Знаете, и во еден момент си го поставив прашањето: па добро…зошто тие не се сменети од министерските позиции, а сменет сум јас? За нив секој втор-трет ден има по некој скандал, дека доделувале тендери на своите партнери, дека доделувале државни пари на свои блиски, и никој не ги пипа, а мене ме најдоа најкултурен и ме сменија, иако не бев вмешан во никаков скандал. Добро, скоро никаков, но споредено со нивните скандали мојот скандал беше мал, микроскопски“, рече Алаѓозовски во емисијата „Отпуштено“.

„На крајот испаѓа дека тие ем „брцале во медот“ ем си задржаа министерско место, а јас ниту сум пипнал државна пара за да ставам кај мене во џеб иако бев блиску до Медот, и пак на крај завршив како избркан од владата“, искрено признава поранешниот министер и додава:

„Пораката која им се праќа на граѓаните и другите функционери е дека е подобро да крадеш за да останеш незаменлив министер, отколку да не крадеш бидејќи ќе те сменат ако не крадеш во владата очигледно. Којзнае, можеби не бев доволно добар крадец за да останам на министерската позиција“.

Познатиот Алаѓозовски призна дека ваквиот развој на настаните го земал многу при срце и му паднал тешко, што се одразило и на неговата психофизичка состојба.

„Јас буквално се соголив пред граѓаните да видат дека ништо не сум земал, да видат дека не сум украл ни едно евро, јас сум човек со чест и како што видоа сите човек со огромна самодоверба… и сепак, мене денес ме нема во влада, потрошен материјал сум, а оние кои се сомничат за криминали тешки десетици милиони евра се незаменливи во владата. Тоа не е во ред, да бидам искрен. Мислам дека фактички коалиционите партнери од ДУИ ги расипаа моите соц-демократски другари, они не беа такви порано, сега не можам да ги препознаам. Се надевам дека еден ден ќе се разбудат од сонот и ќе се соголат исто како мене… па ќе си погледнеме тој ден во очи. Голи и искрени. И ќе се гледаме долго, како Марина Абрамович и нејзиниот бивш љубовник што се гледаа и се чувствуваа на енергетско ниво. Сега се плашам да го сторам тоа, мислам дека се во таква серија влезени што и ќе ми ја украдат и енергијата ако им застанам пред очи“, заклучува Алаѓозовски.

Роберт Алаѓозовски беше познат министер за култура на Република Македонија кој се чини дека премалку крадеше како за министер, поради што и беше сменет и на негово место беше поставен посоодветен кадар за таа намена.

Ајварка Пиперка

*** Целта на „Двоглед“ е да се сврти вниманието на одредени појави во општеството. Секоја сличност со вистинските луѓе и институции е случајна.

*** The aim of "Dvogled" is to draw attention to certain phenomena in society. Any similarity to actual persons and institutions is merely coincidental.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top