Професор по музичко од средно училиште чудно се справува со смртта на малолетната ќерка, детективка која се обидува да го разреши случајот борејќи се со сопствените демони, средношколка која предвреме пораснала, а сега бара начини за одмазда. Ова се трите ликови од краткометражниот филм „Влакна“ по сценарио и режија на Елеонора Венинова, во продукција на „Partes Social Advertising“, кој почна да се снима денеска во Скопје.
Наредниве седум дена, филмот ќе продолжи да се снима на повеќе локации низ главниот град, на Скопска Црна Гора, како и во Битола.
Филмот е дел од сценариото за долгометражен филм во четири дела, развивано на скрипт корнерот на 32. издание на Интернационалниот фестивал за филмска камера „Браќа Манаки“ во Битола. „Влакна“ е драматична крими приказна.
Режисерката Венинова објасни дека сценариото за „Влакна“ почнала да го пишува додека живеела во Етиопија.
– Тогаш во рок од еден месец сменив живеалишта на три континенти и имав три различни реалности кои ми се мешаа во главата. Сакав низ една детективска приказна да ги третирам внатрешните демони на двајца сосема различни луѓе, еден дојденец, господин Херман, кој крие нешто од другите и детективката Вели која крие нешто од себе – објаснува Венинова.
Главните улоги (детективката Викторија Вели и господин Херман) ги глумат македонската актерка Ирена Ристиќ и српскиот актер Бојан Жировиќ, кој прв пат учествува во македонско остварување. Жировиќ доаѓа од белградскиот театар „Ателје 2012“, зад себе има повеќе улоги во телевизиски серии и филмови, а а познат е и по улогите во „Смрт на човекот на Балканот“ и во „Свети Ѓорѓе ја убива ламјата“. Тој рече дека она што особено му било интересно во сценариото се токму тие назнаки што би требало да му кажат нешто на гледачот, но не и да му откријат сè.
– Вистински предизвик за актерот е да одговори на двозначноста која ја носи сценариото. Тука ја имаме загонетката на ликот. Мојот лик е човек со лоши склоности кои сака да ги избегне, да ја избегне и одмаздата која доаѓа од најблискиот. Во исто време имаме страв, љубов и одмазда што ми е особено интересно за изведба – вели Жировиќ.
Сценариото има ангажиран контекст. Продуцентот Небојша Илијевски објаснува дека филмот зборува за деструктивните социолошки феномени и последиците од нив, но исто така и за себеоткривање и себеприфаќање низ ликот на детективката Вели.
– Во денешен контекст на општествено поведување по најгласните трендови, во време на молчење за сопствените потреби, сметавме дека е важно кон филмот да придружиме и поширок контекст – активизмот. Во самата екипа имаме сериозни професионалци – филмот го развивавме со помош на многунаградуваниот директор на фотографија, Миладин Чолаковиќ, а сценариото е развивано со Мартен Рабартс од Холандија во рамките на скрипт корнер на „Браќа Манаки“. Од друга страна пак, како директни учесници во тимот на филмот, имаме цела екипа на “first time on film” луѓе кои функционираат под коучингот на постарите колеги. Продукциски гледано тоа звучи ризично, но е во потполн склад со идејата за реинвестирање на ресурсите и капацитетите што ги поседуваме- назад во општеството – вели Илијевски и додава дека филмот е централен дел од неколкуте активности кои за цел ја имаат промоцијата на активизмот во креативните индустрии.
Дел од актерската екипа на „Влакна“ се и Слаѓана Вујошевиќ и Марија Арсенкова. Директор на фотографија е Димо Попов, автор на музиката е Дејан Спасовиќ, сценографијата е на Филип Велковски и на Никола Анѓелковски, а изборот на костими го направи Верица Андреевска – Спасовиќ. Асистент на режија е Ивана Стевановска.
Филмот е поддржан од Филмскиот Фонд на Република Македонија, а освен активистичкото вклучување на поголемиот дел од тимот во неговата реализација, остварувањето активистички го подржуваат и ОВС Индустриес, ресторанот „Антица“, „Лице в лице“ – регионалната платформа за активизам и Агенцијата за социјален адвертајзинг „Партес“.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.