| четврток, 6 декември 2018 |

Ќе се насити ли Кочо Анѓушев од државните пари: „Брако“ повторно доби тендер

Фирмата „Брако“ од Велес, каде ко – сопственик е вицепремиерот Кочо Анѓушев доби тендер од државата. За речиси 37 илјади евра компанијата треба да испорача мрежа за заштита од одрони на патишта за државната „Македонија пат“, пишува Алсат М.

Договорот е склучен на 9 – ти минатиот месец. На тендерот кој го распиша претпријатието кое се грижи за патиштата низ земјава се пријавиле три компании. Сепак најефтина била понудата на Брако.

Вицепремиерот Кочо Анѓушев подолг период е во фокусот на јавноста. Причината е одлуката, фирми каде има удел, да аплицираат за парична помош преку различни фондови. Пред една недела медиумите објавијва дека фирмата Брако од Велес и Кастивест, фирми каде ко – сопственик е Анѓушев, се на пат да добијат пари од Агенцијата за странски инвестиции. Евалуацијата на компаниите ја правела владина комисија на чело со Софче Јовановска која му е шефица на кабинетот.
По објавата, Анѓушев одлучи да ги повлече фирмите од потенцијални добитници на државна парична помош.

Вицепремиерот деновиве убедуваше дека нема конфликт на интереси што фирми каде има сопственички дел, аплицираат, ги поминуваат филтрите и се пред добивање пари од државата иако самиот тој е на висока владина позиција.

Анѓушев вчера најави и дека во иднина компании поврзани со него, нема да аплицираат за финансиска поддршка од државни институции.

Сепак за добиениот тендер од „Македонија пат“, фирмата Брако треба да испорача 14.360 метри квадратни заштитна мрежа, а еден метар квадратен чини 133 денари.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top