| четврток, 6 декември 2018 |

Француската влада го „преживеа“ гласањето за доверба

Француската влада денес во парламентот убедливо го помина првото изјаснување за доверба што го побараа опозициските претставници поради случајот со поранешниот чувар на претседателот Емануел Макрон.

Предлогот на опозициските конзервативци да се укине довербата на владата доби 143 гласа, значително помалку од потребните 289 за рушење на владата, што потврдува дека Макрон и неговата Република во движење имаат силно мнозинство во парламентот. Второто гласање на предлог на левата опозиција се очекува подоцна во вторник, но нема никакви изгледи за успех.

„Случајот Бенале“, наспроти победата во парламентот, му наштети на популарноста на Макрон и ги наруши дел од неговите планови.

Францускиот претседател се најде на удар на жестоки критики откако се појави снимка од неговиот личен чувар Александар Бенале како удира демонстрант и влече жена, носејќи полициска кацига и палка додека не бил на служба.

Критичарите сметаат дека канцеларијата на Макрон направила пропуст за соодветно да го казни Бенале или да го предаде на суд.

Макрон се најде на мета на остри критики и во вторник за време на расправата за доверба во владата на предлозите на десницата и левицата.

Ова е „скандал на претседател на држава кој го штител и му дал привилегии на човек кој му направил услуга“, истакна лидерот на групата на Републиканците (ЛР, десна опозиција) Кристијан Џејкоб, бранејќи го првиот предлог.

Овој случај ќе „остави длабока трага. Политичка и морална трага за претседателот на државата и институциски за воспоставувањето на јавната власт”, рече тој.

Комунистичкиот лидер Андре Шасен, предлагач во име на социјалистите, комунистите и радикалната левица (Непокорена Франција, ЛФИ), оцени дека случајот Макрон-Бенале овозможи да се разоткрие како всушност претседателот ја спроведува власта“ и „отвори рана која нема да зацели“.

Ова е првпат францускиот парламент истовремено да расправа за два предлози за гласање за доверба, но предлозите немале изгледи да успеат. Републиканците имаат само 103 претставници а левицата 63, што значи не можат да добијат потребно мнозинство за да ја срушат владата.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top