Фолклорни ансамбли од Јапонија, Шпанија, Полска, Хрватска, Србија и од Македонија, синоќа во Битола, со песни и игри го одбележаа почетокот на 48. издание на Фестивалот на народни песни и игри „Илинденски денови“.
Според востановената традиција, први на сцената настапија членовите на КУД „Илинден“-Битола кои го изведоа орото „Комитско“, а потоа фестивалот за отворен го прогласи градоначалникот на Битола Наташа Петровска која во својата поздравна реч нагласи дека Фестивалот е сведоштво кое никогаш нема да згасне.
– По 48-ми пат Широк Сокак ни се закити со везови, со танци и звуци излезени од народните дамари. Народните песни и народните танци се сведоштво кое никогаш нема да згасне. Народните танци и песни сме самите ние, рече меѓудругото Петровска пред гостите од државата и странство.
Фестивалот „Илинденски денови“ од оваа година е член на светското семејство на фолклорни фестивали ЦИОФФ, а секоја година се одржува во чест на Илинден и на народните уметници, чувајќи ги традиционалните културни вредности, посочи Маја Андоновска-Илиевски, директор на НУ Центар за култура-Битола, домаќин и организатор на културниот настан.
– Фестивалот со право ги носи епитетите „Фестивал Споменик“, „Фестивал Паметник“, „Фестивал Учебник“, а на наше огромно задоволство, од оваа година е и единствен фестивал на Република Македонија кој поседува сертификат и е дел од големото интернационално семејство на фолклорни фестивали ЦИОФФ. Со дефиле, улични перформанси, концерти, играорни, вокални и инструментални манифестации, семинари, проекции на етно филмови, изложби, детска ликовна работилница и завршниот концерт на нашата битолска гордост, доајенот на македонската народна песна Виолета Томовска, во придружба на групата „Фонтана и пријателите“ ќе го обоиме културниот живот во нашиот град, истакна Андоновска-Илиевски.
Фестивалот „Илинденски денови“ продолжува со вечер на традиционална музика и игра на која ќе настапат оркестарот на народни игри „Рудина“ од Битола, фолклорната група „Ѓердан“ од Русиново, ансамблот „Никола Јонков Вапцаров“ од Скопје, КУД „Весели пензионери“ од Пробиштип, КУД „7-ми Септември“ од Македонски Брод, КУД „Бисер“ од Кичево, фолклорната група „Китка“ и ансамблот „Балканске игре“ од Чикаго-САД, како и ансамбли од Србија, Хрватска и Северен Кипар.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Последни
-
Сензационално: Северина се разведува од Игор, поради познатата водителка!
-
Фатална сообраќајка кај Струмица: Со „Корса“ излетал од патот, загинал на лице место
-
Шон Пен во Истанбул: Ќе снима документарец за убиениот новинар Џамал Кашоги (видео)
-
Димитров: Зборовите „нација со комплекс“ се извадени од контекст