| четврток, 6 декември 2018 |

Сеќавање на старо Скопје со книгата „Динга стоп“ од Владимир Плавевски во книжарницата „Литература.мк“

Во оваа збирка ќе ги прочитате носталгичните и емотивни сеќавања за едно одамна минато време и за едно невино детство изгубено во маалскиот амбиент. За жал или за среќа, ќе рече авторот, Ново маало сè уште постои и е речиси исто и непроменето како и пред 60-70 години – Ново маало своевремено било центар на светот за новомаалците, микрокосмос од кој почнува и завршува сè

Во присуство на бројни стари скопјани и новомаалци, вчера (26 јули) во книжарницата „Литература.мк“ на улица „Македонија“ се одржа промотивна средба за збирката раскази „Динга стоп: скопски приказни од Ново маало“ од Владимир Плавевски. Со промоцијата на книгата, која е во издание на „Арс Либрис“, дел од „Арс Ламина – публикации“, беше одбележана 55-годишнината од катастрофалниот земјотрес во Скопје.

Промотор на книгата беше Мојсо Мојсовски, новинар и долгогодишен уредник на Дневникот во Македонското радио, а извадоци од расказите читаше познатата актерка Снежана Конеска-Руси. Тие и Плавевски се сеќаваа на старо Скопје и на некогашно Ново маало, кое е во фокусот на „Динга стоп“. Раскажуваа и за скопскиот земјотрес на кобниот 26 јули 1963.

– Секогаш, 26 јули, терминот на стравотниот катастрофален земјотрес што го погоди Скопје со 1068 жртви и над 3000 тешко повредени, во мене буди бурни спомени бидејќи и јас го доживеав, со сите негови тешки импликации кои ги наметна. Педесет и пет години се голем временски период, но мене сè уште емотивно ме тресе земјотресот, посебно на годишнините. И, од земјотресот Скопје и скопјаните воскреснаа како феникс, за да станат ова што сме денес. А Ново маало ми е трајна рана на душата – неизбришлива носталгија од најромантичниот дел на мојот живот – детството – изјави Плавевски.

Во оваа збирка ќе ги прочитате носталгичните и емотивни сеќавања за едно одамна минато време и за едно невино детство изгубено во маалскиот амбиент. За жал или за среќа, ќе рече авторот, Ново маало сè уште постои и е речиси исто и непроменето како и пред 60-70 години – Ново маало своевремено било центар на светот за новомаалците, микрокосмос од кој почнува и завршува сè. Таму се зборувал локален, маалски јазик и имал свое наречје, различно од тоа на соседните маала, поради што неретко луѓето не се разбирале меѓусебно. Маалската гордост ја чувале маалските банди, секогаш закрвени со тие отспротива. И покрај скудниот начин на живот, маалските улици ечеле од детскиот џагор и нивните необични игри.

– Книгата ја насловив „Динга стоп“, зашто кога почнав да се распрашувам по пријателите, особено помлади, ретко кој знаеше што е тоа – „Динга стоп“. Всушност станува збор за маалска игра која се практикуваше во педесеттите години во Ново Маало, но и во другите скопски маала со варијации во деталите. Не успеав да дознаам како настанала. Профилот на играта е следен: маалскиот водач меѓу децата одредуваше двајца играчи – дингач и дингиран. Тоа значеше дека кога било во текот на денот ако дингачот го сретне дингираниот и му каже – „динга стоп!“, тогаш дингираниот мораше да остане вкочанет во положбата во која се наоѓа. Тоа можеше да трае кратко, неколку минути, но и со часови… – вели Плавевски.

Ден претходно (25 јули), се одржа промотивна средба за книгата „Динга стоп“ во центарот на автентичната скопска населба Ново маало – која е во фокусот на авторот Плавевски. Старите новомаалци и нивните потомци раскажуваа за животот пред 60-70 години. Се сеќаваа на највпечатливите личности и моменти во тоа време.

Владимир Плавевски е роден во 1948 година во Скопје. Дипломирал на Медицинскиот факултет во Скопје во 1974 година. Член е на Друштвото на писателите на Македонија од 2000 година. Во своето долгогодишно и богато творештво, автор е на многубројни сценарија за ТВ-серии, филмови, радиодрами, драмски текстови, раскази и романи. Во 2013 година, ја доби наградата Роман на годината на „Утрински весник“ за романот „Јадица“. Ново маало често се јавува како место на одвивање на приказните во неговите романи и раскази како: „Цена од Ново маало“, „Јадица“,„Комита“ и други.

– Имам и сè уште необјавени раскази и роман кои како сценографија го имаат Ново маало и неговиот менталитет. И планирам да продолжам со пишување за него бидејќи идеите сами ми се наметнуваат. Мислам дека неповторливото детство и колективното живеење во Ново маало се врежаа како генетски код во мене. Подоцна живеев на повеќе локации во Скопје, но никаде ја немав таа непосредност и блискост во односите со соседите и луѓето како во Ново маало –изјави авторот.

Книгата „Динга стоп: скопски приказни од Ново маало“ премиерно беше претставена во рамките на 30. издание на Саемот на книга, на штандот на книжарницата „Литература.мк“ и издавачката куќа „Арс Ламина“.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top