| четврток, 6 декември 2018 |

И Албанците од дијаспората испраќаат деца во Македонија да ги учат јазикот и традицијата

Во  Конгресниот центар во Охрид, денеска, ќе биде отворена десеттата Летна школа за изучување на мајчин јазик, проект на Агенцијата за иселеништво. Школата ќе ја отвори директорот на Агенцијата за иселеништво на Република Македонија Никола Шалваринов.

Летната школа се реализира секоја година, традиционално во Охрид, 52 години. На оваа школа учествуваат деца на иселеници од земјата кои имаат за цел да го изучат јазикот на нивните родители. Преку најразлични забавни и едукативни активности, тие ќе имаат можност да се запознаат и да ги научат македонската историја, традиција, култура и јазик.

Педесет и втората летна школа што ја организира Агенцијата за исленици, а е наменета за децата на иселениците, наместо како досега школа за изучување македонски јазик, отсега ќе биде школа за изучување мајчин јазик.

Причина за ова е што годинава интерес да се вратат во татковината и да се запознаат со јазикот и обичаите на предците изразиле и три дечиња од Данска, етнички Албанци со потекло од Македонија, па школата од школа за изучување македпонски јазик прераснува во школа за изучување мајчин јазик.

-Годинава ќе бидат формирани паралелки за македонски и за албански јазик. Три дечиња од Данска се пријавија за Летната школа, тие со потекло од Македонија, но се Албанци. Пријавивме во Министерството за образование и тоа одобри наставиници кои ќе работат со овие деца. Ако изрзат желба, ќе им биде овозможено да изучуваат и македонски јазик заедно со другите деца, изјави за „Република“ директорот на Агенцијата за иселеници, Никола Шалваринов.

На отворањето на Летната школа ќе се обратат директорот на Агенцијата за иселеништво Никола Шалваринов, министерот без ресор задолжен за дијаспора Едмонд Адеми и директорот на Музејот на Македонија Гордан Николов.

Досега се одржани 51 летни школи, на кои учествувале повеќе од 3000 учесници од над 45 земји,  меѓу кои истакнати македонисти, професори по македонски јазик и литература на странските универзитети, слависти, балканисти, преведувачи, научни работници и студенти што го изучуваат македонскиот јазик во нашите лекторати и универзитетите во светот.

 

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top