| четврток, 6 декември 2018 |

Рома ќе го тужи Бордо заради Малком

Бордо и Рома завчеравечер објавија дека се договориле за трансфер на бразилското крило Малком од Бордо, но наместо во Рим, офанзивниот фудбалер вчера заврши во Барселона во една од најголемите трансфер-сапуници летово.

Навивачи на Рома го чекаа Бразилецот на аеродром, требаше да дојде час пред полноќ, но од Малком немаше ни трага, ни глас. Бордо го стопорал трансферот откако во игра се вклучила Барселона и на крај, тој потпиша за Каталонците.

– Тоа што се случи со Малком е лесно за објаснување, ама тешко за разбирање. Ние почнавме преговори со Бордо и играчот преку неговиот менаџер пред една недела, а завчера околу 17 часот дојдовме до договор со трите страни – клубот, играчот и менаџерот. Имавме дозвола од Бордо, Малком да дојде во Рим, да ги направи прегледите и да потпише договор, вели спортскиот директор на Рома, Шпанецот Мончи.

– Ние сме подготвени да го тужиме Бордо. Секако, ако има основа. Но, иако е вистина дека ништо не е потпишано, постојат бројни пораки со менаџерот, претседателот Мартин, за кои сметаме дека мора да бидат разгледани. Јас им се извинувам на навивчите за сè што се случи, ама ако некој играч сака да дојде во Рома тоа е супер, но ако не сака – тогаш и ние не го сакаме. Јас имам само една порака, дека не се откажуваме и работиме напорно за да донесеме играч кој е најмалку на ист квалитет, ако не и подобар од Малком, завршил Мончи.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top