| четврток, 6 декември 2018 |

Македонски жив ѕид пред најголемиот „бонбона-бизнис“

Веројатно е судбина секоја нова генерација Македонци да минува низ економско цунами, без никаков економски раст и со спирала на поскапувања, предизвикано од „бонбона“ бизнисите на СДСМ.

Постарите се сеќаваат на приватизацијата, 300.000 работници оставени на улица, разноразни пирамидални штедилници чиј што синоним стана ТАТ, потоа на девалвацијата на денарот, па на „Бонбона“ продажбата на ЕСМ. Низ тоа беа пронижувани и други афери, како „бисерните“ низи во здравството, укинувањето на осум проценти на пензионерите, тенковски делови од отпад и претворање на овчари во милионери, коњи липицанери и рејбан очила за полицијата да изгледала „светски“. Секако, националните и државните интереси од втор план беа оставани како средство за трговија и поткусурување- името, знамето, гостиварските настани, територијалното прекројување.

Оваа најнова генерација Македонци, многумина од нив родени во независна Република Македонија, повторно ја имаат таа судбина лично да се уверат за тоа што нивните поискусни роднини им раскажувале за (не)способноста на СДСМ чии што носители на политиките низ годините се- исти.

И оваа како и секоја власт на СДСМ, без изненадување, нема да остане на дадениот збор и да исполни било какво очекување на граѓаните. Таа бихаќка машина за трошење и луксузирање не запира. Точно, станува збор за економијата, за намалување на непродуктивните трошења, за намалувањето на задолжувањата, за просечна плата од 500 евра, за докторите 1000…

Во очекување на економскиот пресек на годината, на повидок нема никакви индикатори за зголемена економска продуктивност, достигнување барем на половина од капиталните инвестиции кои се носител на економскиот раст, ниту нови странски инвестиции кои ќе го продолжат тешко започнатиот тренд за пад на невработеноста, а власта „се фрли“ на трошење на буџетот креирајќи нови можности за „бонбона бизниси“.

Лажните надеж дека по „дански терк“ ќе се намали на луксузите и непродуктивните трошења паѓаат во вода со секој нов тендер за набавка на кожни и огноотпорни директорски столчиња, гардеробери, кујни, или нови набавки за луксузни возила тешки и по 40 илјади евра за едно. А и не е едно, туку најмалку 45 возила. За само неколку дена ваквите неколку бонбончиња ќе одземат околу 2 милиони евра од државната каса. Тоа се тие нови, современи „дански“ теркови кои ги заменија липицанерите и рејбан- очилата.

Се уште е актуелна аферата за десетиците милионски евра во македонското здравство, поточно „бонбона“ тендерче вредно 35.000.000 (со букви ТРИЕСЕТ И ПЕТ МИЛИОНИ ЕВРА) само за испитување на крв (?!) за компанија без никакво портфолио формирана пред четири месеци. Е тоа е вистинска „бонбона“ и пробив до ѕвезденото небо на бизнисот за една млада, нова компанија! Но, оваа „бонбона“ веројатно е поважна за СДСМ од поевтини и редовни лекови, подобрен „термин“, нова опрема во болниците, нов- или барем исчистен- клинички центар, достоен за пациентите и за докторите. Точно, за оние доктори кои не само што останаа без 100-те илјади плата туку им се скратија и редовните надградби вон државата.

Тетовци пак, веројатно се горди на најтеатарскиот град во Македонија, бидејќи за нив од буџетот се поделени 40.000.000 евра (со букви: ЧЕТИРИЕСЕТ МИЛИОНИ ЕВРА) за изградба на нова театарска зграда! Колку за споредба, најголемиот трн во окото на актуелните „владеачки актери“ беше изградбата на новиот МНТ во Скопје на местото на некогашниот стар театар, чија комплетна изградба чинеше цел милион евра помалку од тетовскиот! Веројатноста е дека овој театар ќе има и дополнителна вредност кога ќе наиде повторно вода од затнатите корита или кога ќе натежнат загадените облаци. Тогаш сите Тетовци ќе заминат в театар во свечена гардероба, за да понесени од врвната уметност заборават на проблемите, ќе заборават на ветувањата на Зоки за борбата со урбаната мафија, инфраструктурниот хаос, дивата сеча, депонијата воречното корито, сивата економија, непотизмот, ветените кривични за Бујар Османи.

Оваа нова генерација на Македонци за жал ќе мора на своја кожа да ги искуси СДСМ, да живее со скршена надеж дека диносаурусот раководен од вечните Стево, Радмила, или Зоран ќе ја „дигнат“ земјата. За жал, оваа писмена, модерна, нашетана, европска генерација Македонци мораше сама да ги увиди бихаќките вештини на лажење во очи, местење тендери и делење буџетски пари на семејни компании на премиерот и на неговиот вице- премиер, милионско напуцкано гориво од коалицискиот двор, протнувањето на печатница како иновација Веројатно власта преку печатницата препозна иден македонски Бил Гејтс или барем Стив Џобс.

Од енергетика, рударство, транспорт, нафта, полиња со марихуана, гас, здравство, до театри, огноотпорни директорски столици, лимузини и печатници! Армиски хеликоптери за такси- услуги.  Се’ мора да биде во рацете, контролата и подредено на овој владеачки клан. А, ако за нешто мора да се оддаде признание, актуелната  постава на СДСМ навистина не штеди на „инвентивноста“ што побрзо да го покаже полниот капацитет за измислување на „бонбона“ бизниси.

Но, што е тоа што остави простор СДСМ толку брзо да се „отвори како пупка“ и криминалот и корупцијата да доживеат крешендо? Секако, употребата на оваа заева метафора не е случајна и ја дава вистинската слика за заробеното судство, за срушениот правен, законодавен, безбедносен, државен систем во кој ништо, но и никој, не е заштитен во налетот на слепата алчност. За не а се невидливи злоделата со смртни последици кои повторно отвораат длабоки рани во општеството. Алчноста на СДСМ пустоши и за неа нема ништо свето, ниту државата, ниту граѓаните, ниту нивните најголеми вредности- името, идентитетот, јазикот, посебноста.

Можеби на оваа генерација во Република Македонија им беше потребни лично искуство за да го видат вистинското лице на матрицата на СДСМ. Но, оваа генерација Македонци покажа дека ја има предноста на колективниот стекнат инстикт за препознавање на „бонбона“ бизнисите на СДСМ. На подигнатиот „Црвениот картон“ за капитулацијата од Нивици испратен до СДСМ на нивните лажни и прескапи прослави, испишани се неисполнети ветувања и правото за достоен живот. Вербата на Македонците во СДСМ засекогаш заврши со кршењето на заклетвите во најмилото за нечепкање на Уставот. Оваа генерација веќе се нареди во живиот, македонски, горд ѕид пред најголемата „Бонбона” на СДСМ!

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top