| четврток, 6 декември 2018 |

„Охридско лето“ во знакот на полската барокна музика

Незаборавен концерт во прекрасен амбиент и проследен со бурни овации од страна на публиката донесе синоќа традиционалната Полска вечер на фестивалот „Охридско лето“.
Со барокна музика од композиторите Гжегож Гервази Горчицки и Станислав Силвестер Шажињски, во црквата „Света Софија“ настапи Вроцлавскиот барокен ансамбл предводен од диригентот Анджеј Косендиак. Публиката ужуваше во интерпретациите на сопранот Алдона Бартник, контратенорот Пјотр Ликовски, тенорот Бенјамин Глаубиц и бас/баритонот Јержи Бутрин.
– Програмата за композициите е напишана од писатели и композитори од катедралната црква во Краков којашто претставува духовен центар на тој вид музика. Многу се радувам што како диригент ја имав приликата да настапам и овде и да го водам концертот. Секако, тоа го направивме на задоволство на публиката и со нашиот репертоар. Восхитен сум од акустичниот амбиент што ни го овозможи овој сакрален објект. Едноставно, се радуваме што сме во Охрид – изјави по синоќешниот концерт, маестро Косендијак.

Сопранистката Алдона Бартник, како и нејзините колеги уметници, исто така восхитена од амбиентот и акустичноста на црквата „Света Софија“.
– Сите членови на ансамблот имавме прилика да уживаме во концерот. Имавме можност и задоволство да ја промовираме полската барокна музика во Македонија. Многу е убаво кога по концертот добивате бурни аплаузи и овации затоа што тоа е знак дека публиката е задоволна од нашето музицирање, вели младата полска сопранистка.

Полската вечер на фестивалот „Охридско лето“ е традиционална, и концертите што се одржуваат во нејзини рамки се вистинско изненадување за фестивалската публика.
– Полската вечер што се одржа синоќа беше една од најквалитетните што сме ги имале досега на фестивалот. Повторно донесовме нешто ново за да ја претставиме полската култура и уметност. Така ќе продолжиме и натаму. „Охридско лето“ ја има поддршката на Почесниот конзулат на Полска во Македонија и на Еуростандард банка – истакна почесниот конзул на Република Полска во Македонија, Коста Костовски.

Вроцлавскиот барокен ансамбл е основан од диригентот Анджеј Косендиак. Ансамблот е постојано активен и соработува со музичари од Вроцлавскиот барокен оркестар, како и со голем број други изведувачи од Полска и Европа. На нивниот репертоар, пред сè, е барокната музика со особен акцент на онаа од полските композитори. Покрај камерните дела, ансамблот често изведува и ораториуми и кантати. Досега се претставил на најголемите фестивали во Полска, има издадено неколку компакт-дискови, од кои значајни се оние со музика на полскиот композитор Гжегож Гервази Горчицки.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top