| четврток, 6 декември 2018 |

Полска вечер на „Охридско лето“

Во рамките на традиционалната Полска вечер на фестивалот „Охридско лето“ денеска во црквата „Света Софија“ со почеток во 21 часот ќе настапи Вроцлавскиот барокен ансамбл со дела од Гжегож Гервази Горчицки и Станислав Силвестер Шажињски.

Диригент на вечерта е маестро Анджеј Косендиак, а како солисти ќе се претстават сопранот Алдона Бартник, контратенорот Пјотр Ликовски, тенорот Бенјамин Глаубиц и бас/баритонот Јержи Бутрин.
Вроцлавскиот барокен ансамбл е основан од Анджеј Косендиак, кој во исто време e и уметнички директор и диригент на овој состав. Ансамблот е постојано активен и соработува со музичари од Вроцлавскиот барокен оркестар, како и со голем број други изведувачи од Полска и Европа. На нивниот репертоар, пред сè, е барокната музика со особен акцент на онаа од полските композитори. Покрај камерните дела, ансамблот често изведува и ораториуми и кантати. Досега се претставил на најголемите фестивали во Полска, има издадено неколку компакт-дискови, од кои значајни се оние со музика на полскиот композитор Гжегож Гервази Горчицки.

Како директор на Националниот форум за музика „Витолд Лутославски“, диригент и професор, Анджеј Косендиак се смета за еден од најактивните музичари и промотори во Полска. Покрај останатите ангажмани, значајно е неговото директорско место во Вроцлавската филхармонија и на интернационалниот фестивал „Wratislavia Cantans“. Тој е и основач на хорот и машкиот детски хор на Националниот форум за музика, како и на Вроцлавскиот барокен оркестар.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top