| четврток, 6 декември 2018 |

Чадор има, ама само за него: Путин обвинет за „недостиг на елеганција“

Сите медиуми во Франција посветија сериозно внимание на вчерашното наградување на француските репрезентативци, кое помина на пороен дожд. Француските изданија „Клоусер“ и „Ел“ се фокусираат на церемонијата на доделувањето на која претседателите на Франција и Хрватска, Емануел Макрон и Колинда Грабар-Китаровиќ останаа на дождот и накиснаа, додека рускиот претседател Владимир Путин беше веднаш заштитен со чадор.

„Ел“ забележува дека Макрон и особено хрватската претседателка ги придобиле симпатиите на целиот свет за време на оваа неверојатна сцена. Грабар-Китаровиќ ја зачува трпеливоста и насмевката и продолжи да им честита и да ги прегрнува фудбалерите и покрај силниот дожд. Слична беше и реакцијата на Макрон, за кого
весниците на шега пишуваат дека тој, како и фудбалерите од националниот тим го „наводенил дресот“.

Коментаторите го критикуваат Путин за „недостиг на елеганција“ токму во овој момент, и мислат дека морал брзо да оди со чадорот до својата колешка од Хрватска и да ја заштити од дождот.

Француските изданија се осврнуваат и на упадот на четири лица на стадионот за време на финалето за кое одговорност презеде руската панк група „Пуси Рајот“, која објасни дека така сакале да привлечат внимание на проблемот со политичките затвореници во Русија и особено, да побараат ослободувањето на украинскиот режисер Олег Сенцов, кој е осуден на 20 години затвор во Русија.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top