| четврток, 6 декември 2018 |

Глобалниот миграциски пакет на ОН прифатен од сите, освен од САД

Обединетите нации го усвоија првиот Глобален миграциски пакет, кој беше одобрен од претставниците на 192 држави, а само САД имаа поинакво мислење, додека Унгарија е „во улога на кочничар”, која веќе најави дека може да се предомислат, пишува „Дојче веле” “.

Усвоениот пакет ја означува посветеноста на меѓународната соработка во однос на мигрантите, вклучувајќи ги и бегалците, а тоа значи дека ниту една земја не може сама да се справи со предизвиците и можностите на овој глобален феномен.

На состанокот на Генералното собрание на ОН, беше истакнато дека безбедна, регулирана и легална миграција може да биде успешна само ако е добро планирана.

Согласност дадоа претставници на 192 држави, додека само САД имаа поинакво мислење, а како причина се наведува дека „политиката на вселување дома не може никој да ја пропише“.

Доброто расположение по постигнувањето на договорот беше прекинато од унгарскиот министер за надворешни работи, Питер Сијарто, кој ја најави можноста за повлекување на неговата земја од договорот.

Имено, неговата влада се плаши дека договорот би можел да доведе до мерки кои ќе ги принудат земјите да ги отворат своите граници за мигранти и бегалци, пишува „Дојче веле“, со забелешка дека владата на Виктор Орбан ќе ја донесе конечната одлука следната недела.

Миграцискиот пакет е прв меѓународен документ за односот кон мигрантите во светот, кои во моментов ги има околу 250 милиони, а овој документ пред се треба да отвори перспектива за легално вселување.

Претставниците на ОН велат дека целта е преку меѓународна соработка и земајќи го предвид националниот суверенитет, да се создадат услови за безбедна и уредна миграција.

Договорот опфаќа 23 цели за подобро управување со миграцијата низ целиот свет.

Генералниот секретар на ОН Антонио Гутереш го нарече документот „значаен успех” и ги повика сите земји да ја гледаат миграцијата како „позитивен глобален феномен”.

Станува збор за текст, кој треба да го потпишат шефовите на државите и владите на земјите-членки на ОН на состанокот во Мароко во декември. 

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top