| четврток, 6 декември 2018 |

Шест ранети во престрелка на српската полиција со вооружени Албанци

 Шестмина се ранети во оружената пресметка меѓу припадници на српската полиција и на група вооружени Албанци кои краделе дрва во пограничниот реон меѓу Србија и Косово, јави „Б92“.

Според информациите на српската телевизија, ранетите биле од групата Албанци и се префрлени во болница во Приштина. Инцидентот се случил вчера околу 19 часот во атарот на селото Боровац.

– Група Албанци со автоматски пушки ја нападнаа патролата на територија на Србија во атарот на селото Боровац. Меѓу повредените нема припадници на српската жандармерија – изјави командантот на жандармеријата Братслав Дикиќ.

Според мештаните, групата нелегално ја минала границата и сакала да сече дрва во шумата. На местото на инцидентот е пронајден и трактор со дрва. До инцидентот дошло откако на нив налетала полициската патрола. Престрелката траела половина час.

Мештаните се жалат дека ова е трета оружена престрелка во селото во последните десет дена.

Косовската полиција го потврдила инцидентот не наведувајќи детали, а приштинскиот весник „Експрес“ пишува дека четири лица биле префрлени во болница во Приштина.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top