| четврток, 6 декември 2018 |

Дали СДСМ ќе ја притисне ИВЗ да мобилизира гласачи за референдумот?

Се обидува ли власта да ја притисне Исламската верска заедница да ѝ даде поддршка за референдумот Потпретседателот на СДСМ Мухамед Зекири на седницата за пратенички прашања го обвини првиот човек на ИВЗ дека работи незаконски, а премиерот најави можни контроли во верските заедници.

Но, Мухамед Зекири не запре само на кажаното во Собранието туку истото го повтори и на социјалните мрежи, а отиде и чекор понатаму.
„Сè уште мисли дека е некој фактор, дури и си дозволува да се заканува, замислете ќе има референдум и резултатот ќе зависел од него“, напиша Зекири на фејсбук.
Алфа побара став од реизот Сулејман Реџепи кој не сакаше да ја коментира актуелната политичка ситуација, ниту нападите упатени кон него. Од ИВЗ добивме официјално соопштение.
„Мухамед Зекири со ваквите инсинуации и клевети криејќи се зад говорницата во Парламентот и зад пратеничкиот имунитет, всушност, само го отежнува патот на Македонија кон ЕУ, бидејќи нема европски интеграции со повреда на верски и човекови права. Патот кон евроинтеграција ќе заврши во моментот на мешање на државата во работите на верските заедница“ – стои во соопштението на ИВЗ.
ИВЗ досега не беше на агендата на власта. Одеднаш, токму кога се подготвува референдумот, стануваат тема. Оттука неминовно се наметнува прашањето дали коалицијата на власт во обид да ги извади граѓаните на гласање ќе се обиде да оперира преку верските заедници. Познавачите, кои на оваа тема не сакаат да зборуваат пред камера, велат дека е многу веројатно да се побара од оџите да ги мобилизираат верниците.
Заканите кон ИВЗ доаѓаат само неколку месеци откако Владата директно се вмеша и во МПЦ кога премиерот упати писмо до Вселенската патријаршија. Ова е втор пат годинава секуларноста на државата да биде на работ на провалија.
фото: илустрација

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top