| четврток, 6 декември 2018 |

„Диор“ не сака лајкови на Инстаграм

Светски популарната модна куќа „Диор“ забрани објавување на Инстаграм фотографии од нејзината најнова колекција на парчиња облека од високата мода која беше завчера претставена на Модната недела во Париз.

Дизајнерката Марија Грација Чиури изјавила дека сака најновата престижна линија на францускиот бренд да го слави класичното занаетчиство, а не да „билда“ лајкови по социјалните мрежи.

– Ова е скриен луксуз – објаснила Италијанката Грација Чиури по претставувањето на колекцијата на бајковити тоалети и модели инспирирани од 40-тите години на минатиот век пред глобалната модна елита во Париз.

За некои од парчињата облека од најновата колекција на „Диор“ биле потребни дури 800 часа работа, што се смета за белег на високата мода, рефлектирана во цените кои можат да достигнат десетици илјади долари.

Само 14 модни куќи официјално ја имаат етикетата „висока мода“, што се добива со исполнување на строги критериуми, како на пример рачна изработка на парчиња по нарачка.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top