| четврток, 6 декември 2018 |

На вработените во „Еурокомпозит“ линеарно ќе им се исплатат примања

Владата ја задолжи компанијата 11 Октомври – Еурокомпозит од Прилеп да побара позајмица од компаниите во државна сопственост од ЕЛЕМ и од МЕПСО од по три милиони денари или вкупно шест милиони денари. Во исто време, Владата им препорача на двете претпријатија да го обезбедат побаруваниот заем.

– Половина од средствата, три милиони денари, се наменети за линеарна исплата на примања за вработените. Околу 30 проценти од средствата ќе бидат наменети за набавка на репроматеријали и на други потребни средства на компанијата. Остатокот од парите ќе се насочат за тековно одржување на 11 Октомври – Еурокомпозит – соопшти Владата по синоќешната седница.

Вицепремиерот за економски прашања Кочо Анѓушев, пак, добил задолжение, во согласност со позитивните законски прописи, во најскоро можно време да најде конечно решение за состојбата во „Еурокомпозит“.

Вработените во „Еурокомпозит“ вчера повторно излегоа на протест спроти Владата со барање за исплата на заостанати 18 плати и придонеси во изминатите шест години и за конечно целосно решавање на статусот.

Премиерот Зоран Заев по почетокот на протестот информираше дека се преземаат активности и оти станува збор за „купување месеци“ додека не заврши комплетната процена за објавување продажба. Паралелно со тоа, како што рече, се планира и пакет за испраќање технолошки вишок за вработените кои сакаат да заминат.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top