| четврток, 6 декември 2018 |

„Феникс“ ја објави драмската пиеса “Реквием за смртта“ од Зоран Пејковски

Книгоиздателството „Феникс“ од Скопје ја издаде од печат новата драмска пиеса во стих во 18 сцени со пролог и епилог чиј автор е македонскиот поет и драматург, битолчанецот Зоран Пејковски.

Драмскиот текст во стихови е посветен на долгогодишната мистерија околу смртта на македонскиот легендарен поет и револуционер Коста Рацин, кој еден од рецензентите, академик Јордан Плевнеш го оценува како пост-модерна слика на целокупната космогонија во која низ четири драмски единства се одвива структурата на митскиот лик на Рацин.

– Оваа драма во стихови подигнува еден, во исто време виртуелен и реален постмодерен монумент на бесмртниот Кочо Рацин, токму низ сите групни портрети, прогласувајќи ја вечна неговата безвремена имагинација која звучи како да била напишана во времето на св.Климент и св.Наум, учениците на св.Кирил и Методи, кои ја отвориле колосалната платформа наречена Цивилизација на љубовта.Пост-модерениот драмски „Реквием за смртта“ на Зоран Пејковски суверено се движи низ таа дихотомија која и вовремето на неговата ликвидација и денес звучи со истата сила, што ја потврдува интерконтиненталната вистина за литературата, дека нема историја без запишаниот збор што се издигнува над простосмртната реалност, посочува рецензентот Плевнеш.

Драмскиот текст во стих „Реквием за смртта“ е пишуван по шест годишно истражување на авторот Пејковски, а по повод 75 години од убиството на Коста Солев Рацин и 110 години од неговото раѓање.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top