Австрија од утре го презема шестмесечното претседавање со ЕУ во чувствителен момент, посебно поради очекуваното завршување на договорот за Брегзит и буџетот на Унијата.
Третпат, по 1998 и 2006 година, Австрија ќе претседава со ЕУ, овојпат под мотото „Европа која штити“, чии главни приоритети ќе бидат миграциите и прашањата за безбедноста и конкурентноста на ЕУ, но и натамошното приближување на земјите од Западен Балкан кон Унијата.
Австрија, која подолг период се ангажира околу регионот на Западен Балкан, сака да го задржи фокусот, кој Бугарија го насочи кон овој регион за време на своето претседавање.
Освен тоа, една од целите на официјална Виена е и подобрување на односите на ЕУ со земји како што се Русија и Израел.
ЕУ, како што истакна австрискиот канцелар Себастијан Курц, треба да се занимава со големи прашања, како што е заштита на надворешните граници или надворешната политика, а да се повлече од помалите прашања кои треба да останат во надлежност на националните влади, регионите и локалните власти.
За Австрија голем предизвик ќе биде постигнување договор за буџетот на ЕУ за периодот 2021/2027 година, бидејќи Виена бара да не се зголемуваат уплатите за државите кои се нето-уплатувачи, како што е Австрија, и тоа поради излезот на Велика Британија од европското семејство.
Исто така, и Брегзит е голема тема со која ќе се соочи Австрија, бидејќи се очекува да се постигне договор до октомври, за да може процесот на ратификација да заврши до крајот на март следната година.
Засега е неизвесно дали ќе се успее во тоа, бидејќи и главниот преговарач на ЕУ Мишел Барние неодамна во Виена изрази загриженост дали воопшто ќе биде постигнат договор.
Инаку, претходните две претседавања на Австрија беа во време на криза. Во 1998 година во фокусот на интересирањето на светската јавност беше пред се косовскиот конфликт, а во 2006 година во тој период се случи уставна криза на ЕУ бидејќи Франција и Холандија одбија договор.
Во текот на сегашното претседавање предвидени се околу 300 собири во Австрија, меѓу кои и 13 неофицијални совети.
Трошоците за претседавањето се проценуваат на околу 43 милиони евра, а медиумите шпекулираат дека би можеле да бидат и двојно поголеми.
Канцеларот Курц на 3 јули ќе се обрати пред Европскиот парламент во Стразбур, а на 5 и 6 јули еврокомесарите ќе допатуваат во посета на Виена.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.