Ја сакам Македонија. И да, не би го дала нејзиното име исто како што не би го дала и своето. Па јас не го дадов татковото презиме што е нераскинлив дел од мојот личен идентитет, а не па ќе се откажам од Македонија… никогаш…
И можете слободно мојот став да го окарактеризирате како сакате. Ретрограден?! Националистички?! Племенски?! Нецивилизиран?!
Моето мислење да го исмевате. И слободно, демократски е нели?! А и онака доаѓам од трети земји.
Мене ми е полна и топла душава од секој стих испеан од Бадев, Илиева, Сариевски, Архангел, Мизар, Леб и Сол и од секој чекор на Танец и од тактот што пулсира низ секој од нас – македонскиот.
Ни јас, ни моите предци, ниту пак моите поколенија се предмет на вашите игри. Ниту ви го дадовме тоа право.
Нема за што македонскиот народ некому да се правда, објаснува, потчинува. И зошто и со кое право ме деградирате?
Јас и секој граѓанин на РЕПУБЛИКА МАКЕДОНИЈА сме припадници на МАКЕДОНСКАТА НАЦИЈА.
Бидејќи љубите да се потпишувате во име на македонскиот народ, а и нација, ме интересира и сигурна сум и многу други исто така со кое име се потпишувате, чиј потпис ставивте? Со вашето лично име или можда ве прекрстија? Што ќе се случуваше ако нашиот министер за надворешни работи се викаше Александар? Пред потпишување на тој ваш договор прво ќе преговаравте за промена на името на министерот? Онака цивилизирано…
И, сега по сето бламирање и глупирање со потпишување на договорот во Преспа (уште еден езерски бисер во Македонија изгнасивте, уште Дојран ви остана, ама како сте тргнале и за таму нешто ќе смислите) со што ја избламиравте Македонија и сите нејзини граѓани, а најмногу македонскиот народ, а го немавте тоа право, не ви беше дадено, сега од петни жили се трудите при очи слепи да нé направите, при уши глуви и згора на тоа глупави и неписмени.
Не поминува…
Ќе ги читате ли сега законите и Уставот така како што вас ли ви одговара? Ќе има референдум, ќе нема…?
Референдум за име, т.е за/против промена на име на државата?
Референдум за/против потврдување и спроведување на Преспанскиот договор?
Референдум за/против влез во ЕУ и НАТО?
А што е со избирачкиот список, сега добар ви е? Државна изборна комисија? Кој, како и што ќе спроведува?
Референдум за/против ШТО? Нели според вашите спин мајстори ние Македонците сме племе. Племенско уредување и референдум некако и не одат заедно, ама што знам јас, јас сум само една од оние што упорно пробувате да ги прикажете како ретроградни и во најмала рака неписмени.
И за крај онака македонско племенски – уште во ’60 тите години на минатиот век тетка Васка Илиева ве почасти со неколку песни снимени во продукција на тогашен ПГП РТБ до срж патриотски и во чии наслови гордо стои МАКЕДОНИЈА.
П.С. За личново име и не ми е толку страв дека некој би помислил да ме тера да го менувам, ама за презимињава искрено ми е страв некој да не помисли дека се иредентистички, тогаш што ќе правам – преговори, договори, референдум… процес е тоа… или можам едноставно да си ги кажам онака племенски прекарите на фамилијата од која потекнувам и на фамилијата во која сум се омажила и лесна работа, наше а светско…
пишува: Марија Арнаудова Танаскоски
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Последни
-
Сензационално: Северина се разведува од Игор, поради познатата водителка!
-
Фатална сообраќајка кај Струмица: Со „Корса“ излетал од патот, загинал на лице место
-
Шон Пен во Истанбул: Ќе снима документарец за убиениот новинар Џамал Кашоги (видео)
-
Димитров: Зборовите „нација со комплекс“ се извадени од контекст