| четврток, 6 декември 2018 |

Второ пријавување за упис во средните училишта

Во јавните средни училишта во кои останаа слободни места, денеска ќе се спроведе второ пријавување во јунскиот рок за запишување ученици во прва година средно образование во учебната 2018/2019 година.

По првото пријавување на 18-ти и 19 јуни, Министерството за образование и наука соопшти дека за второто пријавување слободни се вкупно 24 086 места, од кои за гимназиско образование 6 068 и за стручно образование 17 900 места. Резултатите од запишувањето и слободните места ќе бидат објавени утре.

За второто пријавување училиштата можеа да го намалат утврдениот број минимум поени дадени во Конкурсот најмногу до 10 поени, освен за гимназиско образование, економскоправна и трговска струка и здравствена струка.

На првото пријавување овој месец во прва година средно за 2018/2019 се запишале 11 697 ученици од 17 590 кои конкурираа. Како и во минатите години, најголем беше интересот во гимназиите, така што zапишувањето ученици, како што информираше МОН, е завршено во скопските гимназии „Јосип Броз Тито“,
„Никола Карев“ ,„Орце Николов“, „Георги Димитров“, „Раде Јовчевски Корчагин“ и во „Јосип Броз Тито“ во Битола, како и за образовни профили од здравствена струка и од економско- правна и трговска струка.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top