| четврток, 6 декември 2018 |

Мицкоски: Владата на Заев е фијаско кое ниже порази, Македонија уште една година ќе тапка во место (видео)

Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски на денешната прес-конференција истакна дека Македонија со владата на Зоран Заев продолжува да биде надвор од патот на Европската Унија.

– Македонија не доби чиста препорака веднаш, како што ветуваше Зоран Заев и Владата, туку само надеж дека идната година ова време можеби целосно ќе се исполнат критериумите за определување на датум за преговори. Македонија цела година ќе мора да тапка во место затоа што согласно извештајот потребно е да се направи прогрес во борбата против корупцијата, суштински реформи во повеќе области и создавање на услови за независно судство, посочи претседателот на партијата.

Како што рече Мицкоски, оваа неспособна Влада не ги исполнила критериумите и тоа е констатирано.

– Македонија со Зоран Заев доби штетен и капитулантски договор за смена на името, но не и почеток на преговори со ЕУ и тоа веднаш. На надворешен план имаме распродажба на државата, трговија со националните и државни интереси, а на домашен план економско цунами. Владата е едно големо фијаско која ниже само порази. Зоран Заев направи чекори за отстапки со кои се согласи за бришење на името Македонија, промена на Уставот со цел промена на уставното име, промена и широко толкување на идентитетот, фуснота за македонскиот јазик и редица други отстапувања, а не доби ништо иако ветуваше светла иднина и подобар живот и тоа веднаш, вели Мицкоски.

Тој посочува дека разбиена е уште една голема лага.

– Имаме влада која го одзема достоинството на народот, но не овозможува подобра и пооптимистичка иднина. Уште од почетокот велев и сега се потврдува дека пристапувањето кон ЕУ е работа на мерен систем, односно се вреднува сработеното, а не по работите кои ќе пропуштат или тргуваат. Капитулантскиот договор со Грција нема да им ја заврши домашната работа и да го подобри животот на граѓани. Тој нема да ја направи помалку корумпирана владата и нашето општество, ниту да го подобри стандардот на граѓаните. За тоа е потребна работа каква невидовме во период од една година од оваа Влада од Зоран Заев и СДСМ. Не може да се отворат портите кон ЕУ, а да бидете прогласени за најкорумпирана држава во Европа, држава со најмал економски раст, и со судство кое поради политизираноста колабира, а полицијата масовно се злоупотребува. Затоа што со извештаите за корупција која е од најниско до највисоко ниво, и во самата влада, како што е потенцирано со извештајот, нема да се сокријат шарените лаги на Зоран Заев и ветувањата за некаква подобра иднина која нема никогаш да дојде со оваа влада, потенцираше претседателот на ВМРО-ДПМНЕ.

Мицкоски потенцираше дека имаме период на соочување со реалноста.

– Се рушат сите лажни очекувања на владата. Државата со Владата на СДСМ доживува само порази. Иако луѓето од власта ги гледаме со вештачки насмевки, со изнасилена еуфорија, целиот овој театар нема поразот да го претвори во победа. Затоа што граѓаните и без да има некаков извештај знаат дека живеат лошо, и затоа што целата држава живее со последиците и поразите од оваа влада. Нема човек кој е задоволен, и живее подобро било да е во образованието, земјоделието, јавната администрација, бизнисот, или здравството, пензионерите, младите кои што се најмногу погодени кои веќе не ја гледаат иднината и си заминуваат. ВМРО-ДПМНЕ ја даде целосно поддршката за системските закони кои беа од значење за европската интеграција на државата, и кога станува збор за европската перспектива ќе продолжиме конструктивно да делуваме, затоа што тоа го прави одговорна опозиција и затоа што ние сме поразлични од се она што порано го правеше СДСМ. Но главната домашна задача е во рацете на Зоран Заев и владата. Неуспехот во исполнување на планот 3-6-9 нема да може да се покрие со капитулантскиот договор на Зоран Заев кои ние никако и никогаш нема да го поддржиме. Потребни се наместо сеење магла и лажен триумфализам суштински и коренити реформи, наместо власта да се занимава со политички прогони и насилни сценарија да се фати за работа. Она што Македонија го доби со извештајот е следниот јуни, следната година, повторно да се направи преоценка за состојбите и се останато е шарена лага. И единствената надеж е можеби поразличната одлука на Европскиот совет до петок, иако морам да кажам дека шансите се повеќе сведени на теории, истакна Мицкоски.

Тој нагласи дека непобитен факт е дека со оваа влада Македонија има само порази. А, она што на Македонија и треба се победи и многу работа. Изборот за граѓаните во овој момент е спас на кариерата на Зоран Заев или напредок за Македонија!

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top