| четврток, 6 декември 2018 |

Ќе преживее ли „Карта Македонија„ на Чуповски?!


Согласно договорот со Грција, заедничка комисија, меѓу другото, ќе треба да утврди кои географски карти ќе може во иднина да се употребуваат во домашните образовни програми. Притоа, не е јасно дали со ова ќе треба да се елиминираат сите карти, што алудираат на било каков словенски елемент поврзан само со антиката или тука ќе спаѓаат и оние, што би имале било каква врска со некаква словенска, славомакедонска, или само македонска „голема Македонија„, како израз, нели, на наводниот македонски иредентизам спрема соседна Грција.

Во тој контекст, се поставува прашањето дали воопшто ќе преживее географската карта на Македонија подготвена од Димитрија Чуповски, што, барем досега, во нашата историска наука се третираше и како прва национална мапа на Македонците, а самата има назив „Карта Македонија„.

Чуповски, како член на Македонското научно литературно другарство во Петроград, ја подготвил мапата меѓу двете Балкански војни и таа била придружен документ на Меморандумот, што петроградското братство го испратил до големите сили за априлската Лондонска конференција на која, фактички, била утврдена идејата за поделба на Македонија.

Со тоа, Чуповски станал и првиот Македонец, кој во екстремно сложени историски услови ја изготвил првата етничка, историска, политичка и географска карта на Македонија, чија поделба е финализирана само неколку месеци подоцна во Букурешт.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top