| четврток, 6 декември 2018 |

Дали малите Петар, Теона и Драгана може да бидат спасени – како и зошто трите деца изгореа во пожар во Велес?!

Македонија завиена во црно. Во голема трагедија пред два дена животот на суров начин го загубија три мали деца.

Во пожар кој ја зафати нивната куќа, до смрт изгореа петгодишната Драгана, 2-годишниот Петар и Теона која за еден месец требаше да го прослави првиот роденден.

Болката и огорченоста оправдано се јавија во целата македонска јавност. Низа прашања лебдат во воздухот.

Најмногу болат прашањата „Дали оваа трагедија можеше да се спречи“ и „Што ако овој хорор се повтори на друго место“?

Според информацијата од СВР Велес пожарот бил пријавен после 16 часот. На местото на пожарот веднаш излегле противпожарната единица, екипа на СВР Велес и лекарска екипа на Брза помош.

-Кога стигнале помошта децата кои биле сами во куќата веќе биле изгорени и за жал немало можност да бидат спасени. Кога избувнал пожарот децата биле сами и заклучени во куќата. Нивните родители ги заклучиле дома и излегле да пазаруваат во продавница, појасни Верољуб Додевски портпарол на СВР Велес за МИА.

Во Општина Велес денес е прогласен ден на жалост. Во оваа општина, во месец март, за еден ден беа отпуштени од работа 8 пожарникари. По оваа одлука, целите територии на Велес, Градско и Чашка, се во рацете на само 16 пожарникари. Тие треба да работат во три смени седум дена во неделата.

Според законите за територијата на овие три општини треба да има 40 пожарникари, а сега ги има 24 помалку. Нормативот вели дека на секој 1.500 жители треба да има по еден пожарникар.

Токму поради овие факти се поставува прашањето дали оваа трагедија можеше да биде спречена доколку бројот на пожарникари за предвидената територија беше според нормативите.

Прашањето кое влева страв во сите е што ако во оваа околина повторно се случи пожар од ваков тип?

Граѓаните стравуваат дека бројот на пожарникари е мал и дека е можно да не стигнат на време или пак, да се на друга работна должност.

Екипи на полицијата, Противпожарната единица и на Јавното обвинителство го истражуваа теренот надевајќи се дека ќе утврдат од што пламнал пожарот што избувна во средата околу 15:30 часот. Стравувајќи дека циглите ќе им паднат на глава, ги урнаа ѕидовите од дивоградбата.

-Дваесет и пет години работам на пожари, но, и покрај моето искуство, не успевам да најдам докази од што би можело да настане пожарот. Во куќата немаше струја и вода, целата покуќнина е ставена во тие дваесетина квадрати, но знаете како велат, во пожар горат и доказите, вели еден од инспекторите.

Полицијата не ја исклучува можноста да бил подметнат пожарот во куќата под ридот Вршник

На новинарско прашање дали можеби пожарот бил подметнат од СВР Велес велат дека има претпоставки, но за да се поднесе кривична пријава тоа треба да го потврди понатамошната истрага која продолжува.

-Увидот на терен заврши и ние се повлековме од местото на настанот. Тоа е техничкиот дел, но продолжуваме со оперативниот, односно ќе работиме на оперативни сознанија – ќе се продолжи со разговори со граѓани, комшии и останати кои имаат некакви сознанија во врска со случајот.Тоа значи дека истрагата во врска со трагичниот настан продолжува, појасни Верољуб Додевски портпарол на СВР Велес.

Како што информира за МИА, Гордана Тодорова в.д.јавен обвинител од ОЈО Велес увидот на терен од страна на нејзината колешка бил завршен вчера околу 13:30 часот.

-Увидот е завршен, но во тек се вештачењата, анализите и испитувањата во врска со настанот, појасни Тодорова.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top