Договорот наместо да ги подобри, може да ги влоши односите меѓу двете земји и двата народa, смета претседателот на Нова демократија, Кирјакос Мицотакис.
Во говорот на конференцијата „Export Summit VΙ“ во Солун, организирана од Сојузот на извозници од северна Грција, лидерот на најголемата грчка опозициска партија, детално и опширно говореше за договорот меѓу Македонија и Грција, за негативните последици во односите на двете земји и двата народи, не само од општествен, туку и од економски аспект.
Кусо ги претстави економските врски на Македонија и Грција, рече дека грчкиот извоз лани достигнал 642 милиони евра, наспроти 556 милиони во 2016, а увозот е стабилен на околу 225 милиони, додека пак Грција е трета најголема земја снабдувач и трет трговски партнер на Македонија.
– Паралелно, секоја година имаме околу 3 милиони пристигнувања на туристи од кај нив. Сето ова покажува дека и покрај 25 годишното нерешено прашање во нашите билатерални односи, и покрај речиси 10 годишната економска криза во Грција, и покрај техничките и административните проблеми на царините, нашите економски односи останаа блиски. Како што во суштина останаа пријателски односите меѓу двата народa. И во никој случај не беа разнишани, иако постоеше нерешеното прашање. Но, сега се во опасност сериозно да се поткопаат со толку површниот и национално нестабилниот избор на Ципрас. Бидејќи овој договор, наместо да ги ублажи проблемите, може на крај да ги отруе односите на двата народa, оживувајќи ги страстиte од други времиња, рече Мицотакис.
Лидерот на Нова демократија се запраша што ќе биде со производите со брендот и името Македонија што се произведуваат или постојат во Грција. Како пример ги спомена „македонска алва“, „македонски мермери“, „македонска индустрија за цевки“, кои како што рече, одеднаш се доведени во прашање.
– Постојат десетици компании во северна Грција, можеби стотици, кои го користат зборот Македонија или изведените зборови во нивното име или во нивните производи. Што ќе се случи со нив? Кои „мешани” комисии ќе одлучуваат за нивната иднина и кои судови ќе ги решаваат можните разлики? А во меѓувреме што ќе се случува на пазарот, кој не чека судски одлуки? И колку слабее нашиот правен арсенал кога се обраќаме до судовите за да го заштитиме брендот Македонија? Шокот за многу бизниси во Северна Грција ќе биде голем, рече претседателот на Нова демократија.
Како што јави дописничката на МИА од Атина, Мицотакис во однос на договорот рече дека е потпишан во „изолираната од полицијата Преспа и во пуст амбиент, меѓу кич настан со вратоврски и каубојски шешири“, а сите Грци го слушнале Заев како зборува за „Македонците и Грците”. Тој ги повтори позициите на Нова демократија: „уставна промена, не било каква туку за елиминирање на иредентистичките наводи, а главни се националноста и јазикот, ерга омнес име и име што нема да предизвикува несогласувања“ и обвини дека владата го сторила токму спротивното.
– Отстапувајќи ги националноста и јазикот, во пракса го поништува името. Затоа што, кога го отстапуваш зборот Македонец и дополнително дозволуваш, нашите соседи да тврдат дека говорат македонски јазик, тогаш не само што го легализираш, туку го зголемуваш нивниот иредентизам. Јас сум Македонец и живеам во Северна Македонија, што значи тоа? Не можат нивните радикални гласови, не денес, туку утре, знаете дека кога постои договор треба да знаеме што е предвидено за во иднина, не можат некои радикални гласови утре да речат дека постојат Македонци кои не се Грци и се во Јужна Македонија?, рече Мицотакис и додаде дека со договорот, Грција го загубила основното дипломатско оружје – поканата за НАТО.
Претседателот на најголемата грчка опозициска партија, изрази голема загриженост дека „погрешното управување од владата, веќе ги отрујаа општествата и во двете земји“, бидејќи „во Скопје повторно се разбудија национализмот и радикалноста, а во Грција, чувствата дојдоа на местото на патриотскиот реализам“.
– „Конструкцијата“ што господата Ципрас и Коѕијас ја претставуваат како договор, му служи токму на спротивното од она што го разгласуваат. Не го задоволува, туку го повредува националниот интерес. И од прв момент и двете земји ги покрива со облак на сомнеж, активирајќи ги лажните патриоти и од двете страни, а одново ги враќа страстите што беа маргинализирани, истакна Мицотакис.
Првиот човек на Нова демократија, го повтори неговиот став и ставот на партијата дека договорот е лош, а тие нема да бидат за, кога ќе дојде за ратификација во грчкиот парламент.
– Бидејќи го слушнав Каменос дека бара од Ципрас да се гласа договорот со 180 пратеници, мислејќи дека така ќе ја притисне Нова демократија, сакам од овде, од Солун да одговорам. Дали со 151, дали со 180, со колку пратеници и да оценат дека ќе биде потребно за ратификација, овој договор, Нова демократија нема да го гласа, порача Мицотакис, пренесе МИА.
Лидерот на Нова демократија, рече дека и Каменос носи одговорност за договорот, бидејќи во клучниот момент во парламентот даде поддршка за владата и објасни дека за земјата, најдоброто решение се избори.
– Грција заслужува подобра влада. Веќе имаат направено многу лошо за земјата. Сега ги навредуваат и патриотските чувства на Грците. Време е за избори. Време е да си одат. Сѐ додека остануваат, за жал, предизвикуваат и друга штета на нашата татковина, порача лидерот на Нова демократија, Кирјакос Мицотакис.
Извор: МИА
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Последни
-
Сензационално: Северина се разведува од Игор, поради познатата водителка!
-
Фатална сообраќајка кај Струмица: Со „Корса“ излетал од патот, загинал на лице место
-
Шон Пен во Истанбул: Ќе снима документарец за убиениот новинар Џамал Кашоги (видео)
-
Димитров: Зборовите „нација со комплекс“ се извадени од контекст