| четврток, 6 декември 2018 |

Дипломатски скандал меѓу Велика Британија и ЦАР поради долговите на Бекер

Поранешниот германски тенисер Борис Бекер предизвика дипломатски скандал од кој се засегнати Велика Британија и Централноафриканската Република (ЦАР).

Тој се повика на дипломатски имунитет со цел да ги избегне тужбите против него, откако прогласи банкрот.

Наводно Бекер во април бил назначен за британски аташе за спорт, културни и хуманитарни прашања во ЦАР и според неговиот адвокатски тим тоа го штити од овие тужби.

Меѓутоа, било утврдено дека неговиот дипломатски пасош е фалсификат, а тоа го потврди и министерот за надворешни работи на ЦАР, Шарл Армел Дубан.

– Потписот на пасошот не е мој, а бројот е од серија која е печатена во период на транзициската влада од пред четири години. Копијата на пасошот на Бекер што ја видов низ социјалните медиуми, изгледа како многу наивно изработена копија, истакна Дубан.

Поранешниот тенисер, но и неговите адвокати, се уште се немаат произнесено за обвинувањата за лажниот дипломатски пасош, кој според информациите од ЦАР е направен за време на граѓанската војна во оваа земја во периодот од 2012 до 2014 година.

Бекер, кој живее во Велика Британија, прогласи банкрот во јуни 2017 година и во обид да ги намали долговите продаде некои од трофеите кои ги освоил, вклучително и оние од „Вимблдон”.

Тој ја критикуваше стечајната постапка и изјави дека во оваа ситуација го довеле бирократи и банкари, кои сакале да му наштетат.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top