| четврток, 6 декември 2018 |

ЕХФ потврди: Македонија, Словенија и Црна Гора се домаќини на ЕП!

Иако беше познато уште во јануари, денеска, на состанокот на ЕХФ во Глазгов, потврдено е дека Европското првенство за ракометарки, во 2022 година ќе се одржи во Македонија, Словенија и во Црна Гора.

Трите земји од поранешна Југославија беа единствени кандидати за организирање на евро-собирот за четири години отсега, па беше прашање на формалност и на финеси до дефинирањето. Денеска е официјално и Македонија, Словенија и Црна Гора ќе го организираат првото женско ЕП во три земји.

Планот е во Македонија и во Црна Гора да се играат по една од четирите групи, а другите две во Љубљана и Целје. Скопје би бил домаќин во „Борис Трајковски“, а Подгорица во „Морача“. Завршницата е планирана за Љубљана.

Истовремено, од ЕХФ решија машкото ЕП во истата година да го организираат Унгарија и Словачка. Тоа се земји релативно блиску до Македонија, па ова би можело да претставува уште една убава епизода на македонските ракометари и македонската фаланга.

извор: sport1.mk

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top