| четврток, 6 декември 2018 |

Концерт во Градски парк: Филхармонија ќе свири песни од „Квин“

На 22 јуни во Градскиот парк, на отворено, со почеток во 21:30 часот, ќе настапи познатиот „Квин риал трибјут“ бенд, заедно со оркестарот на Македонската филхармонија и Хорот на Македонската опера и балет, а под диригентство на Милош Јовановиќ од Србија.

Еден од најдобрите светски трибјут-бендови на „Квин“, со специјални аранжмани за оркестар и хор, ќе ги изведе најголемите хитови на една од највлијателните групи на сите времиња.

„Квин риал трибјут“ во состав: Иван Ристановиќ – вокал; Ненад Бојковиќ – гитара, Иван Дерфи – бас, Радош Чапин – тапани, постојано ја фасцинираат публиката ширум светот. Само во Бразил, групата свирела повеќе од 70 концерти, а досега настапила и во Португалија, Франција, Чешка, Швајцарија, Австрија, Бугарија, Романија, Словенија, Албанија, Хрватска.

Со својот талент на пресликување на оригиналот, ја воодушевуваат публиката. Деталите на кои бендот посветува внимание во сценскиот настап се исто така фасцинантни. Фронтменот носи идентични костими какви што носеше легендарниот Фреди Меркјури, додека гитаристот користи модел на гитара како Брајан Меј.

„The Show Must Go On“, „We Will Rock You“, „Bohemian Rhapsody“, „I Want To Break Free“ и „We Are The Champions“, се само некои од мегахитовите на легендарната група „Квин“ кои ќе можат да се слушнат во Градскиот парк, заедно со оркестарот и хорот со кои ќе диригира Милош Јовановиќ, кој наедно е и автор на аранжманите.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top