Грчкото писмо до Брисел за деблокирање на евро-атлантската интергација на Македонија треба да стаса во ЕУ и НАТО пред 26 јуни.
На тој ден во Брисел се одржува Советот на министрите за надворешни работи. Тие треба да го подготват самитот не шефовите на владите закажан за 28 и 29 јуни. Агендата на овој самит е широка а разговорите ќе се фокусираат на големите европски теми како евро-зоната и мигрантската политика. Оттука, важно е македонското досие да биде подготвено токму на состанокот на министрите и потоа само потврдено на самитот.
Како се одвива процесот?
Македонската влада вчера го усвои и објави Договорот за решавање на македонско-грчкиот спор за името и за стратегиско партнерство.
Истовремено во Атина започна седницата во грчкиот Парламент по доставеното барање од Нова демократија за гласање недоверба на грчката Влада, седница која траела до два часот наутро и која продолжува и денес. Гласањето за недоверба на Владата на Ципрас е закажано за в сабота.
Грчкиот „Катимерини” вели дека Договорот ќе се потпише најверојатно во недела во Преспа, но не на грчката, како што се споменуваше, туку на македонската страна од границата.
На него свој потпис ќе стават шефовите на дипломатиите на Македонија и на Грција, Никола Димитров и Никос Коѕијас.
Присутни на чинот ќе бидат и двајцата премиери, Заев и Ципрас, а се најавува дека на потпишувањето ќе присуствуваат генералниот секретар на ОН, Антонио Гутереш, медијаторот во спорот, Метју Нимиц, генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг и претставничката за надворешна политика на ЕУ, Федерика Могерини.
Портпаролот на македонската влада вчера изјави дека денес ќе се знае кога и каде точно ќе бидат ставени потписи на овој Договор.
И македонската и грчката опозиција го критикуваат компромисот постигнат помеѓу премиерите Ципрас и Заев а двете влади во Скопје и во Атина го трасираат патот за спроведување на договореното.
По вчерашното декласифицирање на договорот со Грција од страна на македонската Влада и негово објавување за јавноста, договорот треба да биде доставен до Собранието а тоа може да се случи во понеделник или вторник.
Брзата ртификацијата на договорот во нашето Собрание е важна пред се поради ЕУ и НАТО процесот од кој очекуваме старт на преговори за членство и влез во Алијансата. По нашата ратификација, Грција треба да испрати писмо до генералниот секретар на НАТО Јенс Столтенберг и до претседателот на Европскиот совет Доналд Туск и да ги извести дека се кренати сите пречки пред евро-атлантското интегрирање на Македонија.
Во текстот на Договорот во членот 2, став 4, пишува дека откако ќе добие известување дека втората страна (Македонија) го ратификувала Договорот, првата страна ( Грција) веднаш ќе го извести претседателот на Советот на ЕУ дека подржуваат отворање на пристапни преговори и ќе го извести Генералниот секретар на НАТО дека подржува втората страна да добие покана за влез во НАТО.
Прашањето во моментов е дали Собранието ќе има доволно гласови “за” за ратификција на Договорот и дали противењето на претседателот Ѓорге Иванов ќе ја блокира или забави оваа процедура која го отвора патот кон ЕУ и НАТО.
Според досегашните проценки, можно е за Договорот да гласаат 72 пратеници што е сосема доволно за да може Грција да го испрати писмото за деблокирање на нашиот пат кон ЕУ и НАТО во Брисел.
Процедурата за гласање на Законот за ратификација на Договорот во македонското собрание може да трае и 20 дена, во случај Иванов да го врати Законот назад на повторно гласање. Но, противењето на претседателот Ѓорге Иванов не би требало да биде пречка за финализирање на овој процес во Собранието.
Процедурата за гласање на Законот за ратификација на Договорот во македонското собрание може да трае и 20 дена, во случај Иванов да го врати Законот назад на повторно гласање.
Поради ваквата долга постапка на ратификација, неизвесно е дали властите ќе успеат да го верификуваат договорот пред Советот на Европската унија кој е закажан за 28 и 29 јуни, а на кој се одлучува дали Македонија треба да добие датум за отпочнување на преговорите.
Всушност, грчкото писмо до Брисел треба да биде испратено пред 26 јуни. На тој ден во Брисел се одржува Советот на министрите за надворешни работи. Тие треба да го подготват самитот не шефовите на владите закажан за 28 и 29 јуни. Агендата на овој самит е широка а разговорите ќе се фокусираат на големите европски теми како евро-зоната и мигрантската политика. Оттука, важно е македонското досие да биде подготвено на состанокот на министрите и потоа потврдено на самитот.
ЕУ се подготвува за преговори со Македонија
Во моментов во Брисел циркулира нацрт на заклучоците за министерскиот Совет од 26 јуни. Во него се предлага започнување на преговорите за членство помеѓу Македонија и ЕУ, меѓутоа за овие заклучоци допрва треба да се дебатира, а Франција останува резервирана, порачуваат дипломатски извори во Брисел за МИА.
– Со оглед на горенаведениот напредок, посебно имплементацијата на Пржинскиот договор и итните реформски приоритети, Советот одлучува, доколку ова е усвоено од Европскиот Совет, да се отворат претпристапни преговори со ПЈРМ. Со цел одржување на првата меѓувладина конференција, Советот ја подвлекува критичната потреба на ПЈРМ да продолжи да напредува во итните реформски приоритети и да оствари опипливи резултати во борбата против корупцијата, да го одржи и продлабочи реформскиот момент. Советот ја повикува Европската Комисија одблизу да ги мониторира реформските напори на ПЈРМ и ќе го оцени напредокот вез основа на извештај на Комисијата во пресрет на првата меѓувладина конференција. Советот ја повикува Комисијата да започне со подготовките, стои во нацрт-заклучоците за Македонија.
Оваа верзија на заклучоците меѓутоа е „стара“ верзија и не го споменува договорот за спорот за името постигнат на 12 јули помеѓу Грција и Македонија. Останува дека ова е верзијата за која вчера на амбасадорско ниво дебатирале земјите членки на Унијата. Според извори присутни на состанокот, одлука не е постигната, а Франција и натаму изразува резервираност кон почетокот на преговори со Македонија, но разговорите поминале во „пријатна атмосфера“, вклучително и од грчка страна.
Следната недела амбасадорите повторно ќе се состанат и тогаш претседателство на маса би требало да стави ревидирана верзија на заклучоците која го вклучува последниот развој на настаните во земјата: договорот за името што треба Заев и Ципрас да го потпишат овој викенд, а потоа одоборувањето на договорот од страна на двата парламента, што треба да се случи најверојатно во текот на следната недела.
Дипломатите во Брисел се позитивни дека и наредниот нацрт на заклучоците, доколку во меѓувреме нема застој во процесот, ќе останат на истата линија како и сегашните, односно дека ќе се препорача почеток на преговори со ЕУ. Но, загриженост сѐуште постои околу ставот што ќе го заземе Франција.
За време на посетата на шефот на нашата дипломатија Никола Димитров во Германија, од Берлин стасаа охрабрувачки пораки. Германскиот колега на Димитров дал “конкретни заложби што тој лично ќе прави”, изјави Димитров по средбата за Дојче Веле.
Следниот вторник има мошне важна заедничка владина седница на Германија и Франција, на која ќе стане збор и за Македонија и за нејзините европски перспективи, информира министерот.
– Договоривме уште некои други кoнкретни работи што ние може да направиме, што тие можат да направат, меѓутоа клучни се и Германија и Франција, основните столбови на ЕУ, а сето тоа на некој начин создава дополнителна одговорност. Одговорност кога има шанса за прогрес, таа шанса да се зграпчи и да се искористи. И во таа смисла мислам дека во тој контекс ќе се најде разбирање меѓу овие две држави и сите други да ја искористиме шансата што сами си ја создадовме – нагласи Димитров.
Според дипломатски извори на НОВА во Брисел, Берлин би можел многу да помогне и да го ублажи, па дури и отстрани, противењето на Париз за отворање преговори за членство со Македонија. Берлин и Париз се влезени во сериозни преговори за иднината на ЕУ и Евро-зоната а Германија досега се противи на некои предлози на Париз. Пред самитот би можело да дојде до “пазар” помеѓу овие две земји, главните мотори на ЕУ: Берлин да прифати некои од француските предлози за Евро-зоната а Париз да прифати отворање преговори со Македонија.
Следниот амбасадорски состанок ќе биде важен за да се дознае попрецизно кон каков исход се движи Европската Унија што се однесува до старт на преговори со Македонија, но клучен ќе биде состанокот на министрите за надворешни работи на 26 јуни.
Високи дипломатски извори за МИА тврдат дека се „уверени“ оти Македонија ќе добие зелено светло за преговори во јуни. И во Советот и во Комисијата велат дека би било „незамисливо“ Македонија да остане без никаква „награда“ за постигнатиот договор со Грција, но гаранции никој не се осмелува да даде.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Поврзани вести
-
Павлопулос: Нема да прифатиме своеволни толкувања на Договорот од Преспа
-
Заев: Македонско-грчката комисија ќе почне да работи откако ќе се ратификува Договорот од Преспа во двете земји
-
Каменос се закани дека ќе ја напушти владата, кога Договорот од Преспа ќе дојде во парламентот
-
Кувелис: Договорот од Преспа ќе биде ратификуван во грчкиот Парламент