| четврток, 6 декември 2018 |

Левица: Оваа налудничава операција за самоукинување нема да им помине, бојкот на референдумот!

Во случај на иден референдум на државно ниво за самоукинување на македонскиот народ – активно ќе работиме на БОЈКОТ на таквиот референдум, доколку е тоа најефективниот начин за спротиставување на промената на уставното име

Лажните левичари од Сириза и лажните социјалдемократи од СДСM играат по воените ноти на НАТО кој, исто како и во минатото, го толерира грчкиот шовинизам.

Долгогодишните спорови не треба да се решаваат брзоплето, под притисок на некакви си крајни рокови и „шанси кои не смее да се пропуштат“. Добрососедски односи не може да се развиваат врз база на еднострани отстапки и капитулации пред посилната страна, а се со цел што побрзо зачленување на Република Македонија во НАТО воениот сојуз.

Левица е за итен и безусловен прекин на преговорите за името и за отпочнување на меѓународно правна процедура преку Генералното собрание на Обединетите нации за продолжување на членството на Република Македонија под нејзиното уставно име.

Засилената соработка меѓу македонската и грчката автентична левица е зародиш на идниот цивилизиран однос меѓу двата соседни народа, втемелен врз меѓусебна почит и взаемно признавање.

Во иднина, Левица одлучно ќе се вклучи во кампањата против промената на уставното име на Републиката со сите свои расположливи капацитети. Во случај на потпишување на квислиншкиот договор на Заев и Ципрас, истиот ќе биде оспорен и соборен пред Уставниот суд на РМ.

Во случај на иден референдум на државно ниво за самоукинување на македонскиот народ – од левичарски и антимилитаристички приципи, ќе повикаме и активно ќе работиме на бојкот на таквиот референдум доколку е тоа најефективниот начин за спротиставување на промената на уставното име. Слободата се манифестира преку можноста да се спротивставиш на принудата и да кажеш „не“!

Апелираме до граѓаните, да не потпаѓаат под владината агитација и пропаганда дека „сè е готово и договорено“. Ништо не е готово! Борбата допрва почнува! Ве уверуваме дека оваа налудничава операција за самоукинување нема да им помине!

 

 

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top