| четврток, 6 декември 2018 |

Гага, девојче со посебни: Нема да бидете нападнати, можеби само изгушкани!

Денеска во 18:30 часот во Неготино ќе се одржи протестен марш кој ќе го предводи Драгица, позната во градот како Гага, која е девојче со посебни потреби. Целта на маршот е да се испрати пораката дека во Неготино има место за лицата со посебни потреби.

-Не е добро кога поради мала група на неиформирани граѓани се формира мислење за цело население. Во Неготино има простор за лицата со посебни потреби.

Денес во 18:30 часот се собираме пред куќата на Гага и нејзините родители, заедно со нашите родители, другари и пријатели. Ќе направиме многу мирен марш заедно до центарот на градот кој ќе го предводи Гага. Ќе се дружиме и на една пијачка.
Ви гарантирам, немате потреба од страв дека вие или вашите деца ќе бидете нападнати. А тоа дека можете да бидете изгушкани од Гага – тука не гарантирам!!!

Ве чекаме – 18ч 30 пред куќата на Гага (близу Гама бензинската)
П.С. Посебна покана упатуваме до граѓаните на Тимјаник. За вас покрај бесплатната гушка имате и гратис пијачка од Гага – наведено е во повикот, кој го објавија пријатели на Драгица, инаку млади луѓе и големи активисти за правата за сите загрозени граѓани.

Најавата за маршот наиде на голема поддршка и одобрување од страна на граѓаните од Неготино. По настаните во селото Тимјаник вчера, кое е речиси еден вид на предградие на Неготино, кога селаните испратија порака дека не сакаат деца со попреченост во развојот во нивна близина, иницијаторите на маршот велат дека мора да се работи на менување на јавната свест.

Фокус.мк

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top