| четврток, 6 декември 2018 |

Без национално минато – нема национална иднина!

Купи-продај од фотеља: мизерен телефонски погреб на нашата татковина Македонија

 Алдо Климан

Целата своја бедна квислиншка, предавничка „политика” Зоран Заев ја втемели врз идиотскиот слоган: „мораме да раскрстиме со дилемите од минатото што ги оптоваруваат односите со соседите, и да се свртиме кон иднината”.

Целата, пак, и единствена политика на соседите, Грците, Бугарите и Албанците, и во минатото и денес, е втемелена врз бескрупулозните настојувања и безочните лаги и историски фалсификати само да се дограбат и до нашето национално и историско минато во интерес на своите национални и политички иднини.

Зашто, сите тие многу добро знаат дека не постои историска иднина без историско минато! Само е прашање колку уште ќе успеат, во интерес на сопствената политичка и национална иднина, своето минато да го прошират и да го растегнат врз грбот и врз судбината на македонскиот народ со ваков будала човек како Заев во врвот на македонската политика.

Без своето историско и културно минато и без своето историско и уставно име, македонскиот народ нема никаква национална, ниту политичка иднина.

Националната и политичка иднина не се некакви апстракции што треба посебно да ги имагинираме. Иднината веќе се случува, таа е веќе секој оној миг што трае по овој момент додека ги пишувам овие редови, и додека вие ги читате. Таа е живо продолжение на секој изминат миг, само пред неколку минутки, часови, денови, години, векови. Минатото и иднината се нераскинливо поврзани. Не можете од минатото на еден народ да му одземете ниту еден миг, ниту еден настан или ден, а да не му ги поткопате национално-историските темели и да не му ја сотрете неговата иднина.

Затоа националната и политичка иднина на македонскиот народ се случува токму сега, токму во овој момент! Таа апсолутно зависи од тоа што ние македонците баш сега го правиме! Таа смртно зависи од ступидниот ненароден, илегален телефонски разговор помеѓу Заев и Ципрас што сега, во овој час се одвива(ше), и од тоа дали ние, македонскиот народ, само ќе си траеме и ќе трпиме и натаму да нѐ понижува и така евтино, од фотеља, да нѐ продава еден неранимајко, или пак решително ќе му ја треснеме слушалката на тој црвен предавнички телефон.

Само таков нецивилизиран и примитивен човек, предавник на сопствениот род како Заев прави сѐ на најхистеричен можен начин да го излаже и да го увери македонскиот човек будалски да се откаже од сопственото богато и славно културно-историско минато и од своето име и да се упати по патот на некојаси туѓа национална и политичка иднина.

Само измамник од таков надреален калибар како Заев својот вртолумен и најбеден национален и меѓународен неуспех, и тоа не обичен неуспех, туку неуспех на сите неуспеси, што ќе се изучува на светските универзитети по меѓународно и политичко право како невидено политичко и дипломатско лудило, те. целосно дипломатско фијаско, морална и човечка мизерија и длабоко, недопирливо дно на политичката професија, со сите ужасни, трајни и непоправливи последици за македонскиот народ и за нашата татковина Македонија, настојува да ни го прикаже како голем политички и дипломатски успех и лидерство.

Ако тоа што Заев го прави со нашите национални интереси и со нашето уставно име е успех, тогаш со право се прашуваме зошто грчките НАГОВАРАЧИ, Коѕиас и Ципрас неговиот „успех” го сметаат токму за свој најголем грчки национален и меѓународен политички и дипломатски успех. Па едноставно затоа што својата предавничка политика на сите страни, па така и во таканаречените „преговори” со Грција, Заев веќе ја овенча со целосен триумф на бедниот грчки НАГОВОР за злостор над Македонија и над македонскиот народ!

Секој чекор во односите со соседите од меѓународното инсталирање на Заев на власт во Македонија, и особено сега со Грција, беше пораз до пораз за македонската надворешна политика и дипломатија.

Наместо веднаш јасно и наспроти дипломатските завојувачи против државниот суверенитет и интегритет на Македонија остро и резолутно да ги одбиеше ступидните, насилнички наговарања на црната европска и грчка дипломатија за менување на нашето историско и уставно име Македонка, Македонец, и на историското и уставно име на нашата една и единствена татковина Република Македонија, тој со својата безобѕирна квислиншка братија од тнр. влада влезе во најматни предавнички преговарачки води, кукавички отстапувајќи педа по педа, чекор по чекор, од плиткото кон подлабокото, па кон подлабокото, а сега, еве, се чини, е дојден и до најдлабокото, до вирот, каде што преостана само давењето, безмилосното давењето на македонскиот народ, еднаш засекогаш да нѐ снема во црното фашистоидно лудило со болно закрвавени освојувачки очи, без преседан во современата европска и светска историја.

Ставовите искажани во рубриката Колумни се лични ставови на авторите и не се автоматски и ставови на редакцијата на Republika.mk. Редакцијата на Republika.mk се оградува од ставовите во објавените колумни, а одговорноста за изнесеното во нив е исклучиво на авторот.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top