| четврток, 6 декември 2018 |

Иван Џепаровски: Матевски е вистински бард на македонската поезија

Д-р Иван Џепароски, професорот по естетика на Филозофскиот факултет смета дека поезијата на академикот и поет Матеја Матевски кој почина синоќа во Скопје е вистинско уживање. Џапаровски беше промотор на поетската книга на академик Матевски „Корени во ветерот: враќање во Стамбол“ која беше издадена во декември 2012 година и тогаш тоа беше повод да поразговараме со Џапаровски за неделникот „Република“ за Матеја Матевски.

„Матеја Матевски е вистински бард на македонската поезија а неговиот поетски опус е навистина фасцинантен. Добитник е на сите врвни домашни признанија, но тој има добиено и голем број значајни награди и во странство. Тоа зборува дека поезијата на Матевски е високовреднувана и кај нас и во светот, а за тоа говори и фактот што тој е единствениот повеќегодишен македонски кандидат за Нобелова награда за литература. Академик Матевски, исто така, е и вториот Македонец, по Блаже Конески, кој во полувековното постоење на овој светски поетски фестивал ја добил наградата „Златен венец“ на Струшките вечери на поезијата во 2011 година.
Да се зборува за поезијата на Матеја Матевски колку што е тешко, толку, едновремено, е и лесно. Тешко, затоа што метафизичката длабочината на оваа поезија оневозможува таа целосно да може да се протолкува, а лесно затоа што и мнозина пред мене се обидувале да го сторат тоа, такашто јас можам да се повикам на претходните обемни и успешни иследувања на оваа поезија. Исто така, леснотијата при пристапот кон ова стамено поетско дело, произлегува и од моментот на рецепцијата, зашто јас секогаш со вистинско уживање, уште од гимназиски и студентски денови, ја читав и сè уште ја читам неговата поезија. Познато е дека Матевски првата книга поезија „Дождови“ ја објавува во 1956 година, но интересно е што во неговиот творечки опус кој трае околу 60 години, тој во петте децении од минатиот век објавува 10 поетски книги, а во останите 12 години од овој век тој објавува уште исто толку книги. Тоа зборува за еден навидум парадоксален факт, имено, дека возраста и зрелоста знаат да создадат најобемни, најубави и најсочни производи. Оваа дваесетта поетска книга на Матевски сево ова успешно го потврдува, зашто последната книга поезија „Корени во ветерот: враќање во Стамбол“ е своевидно дообликување на сè она што до сега во поезијата го создавал Матевски. Ова се песни за заокружувањето на живот и делото, песни за враќањето во детството, песни за непосредното семејство, песни за потеклото, за индивидуалното потекло, но и за потеклото на нашата татковина, толку силно врзано за странствувањето и за судбината на печалбарите и на нивните семејства“ вели Џепаровски за поезијата на Матевски.

професор Иван Џепаровски

Јас сум роден во Стамбол, во Истанбул или Цариград, како сакате. Меѓутоа, кога моето семејство решило да се врати назад во Македонија јас сум бил момче на две-три години. На таа возраст децата немаат своја меморија. Целото мое детство и почетокот на мојата младост е поврзано со меморијата на моето семејство, нивните сеќавања на Стамбол, нивните разговори, посетите на наши роднини, земјаци, реканци кои идеа и се враќаа во Истанбул и дома кај нас ги водеа разговорите. Сето тоа детето во себе го прима, станува дел од неговиот живот и станува еден поим што добива митска вредност по себе. Јас сум израснат во Гостивар и долго време овој град го чувстував како мој роден, што е сосема природно. Првпат го посетив Истанбул на 30 години. Кога појдов во центарот, во крајот каде што ни беше куќата и дуќанот, одеднаш како се да ми беше познато. Сите тие места, бои, се што е сонувано веќе го имав како слика во главата. И целиот кварт, потоа Таксим, улицата, дуќанот на моите родители, куќата на другиот мој дедо. Сето тоа на одеден начин ми беше познато. Затоа насловот „Корени во ветерот“ е прашање дали ги имаме тие корени. Тоа е моето враќање таму, со тоа се заокружува сиот тој циклус како едно одење од себе си кон себе, раскажуваше Матевски едно во интервју за „Република“.

За неверојатно богатиот опус, посебно во последните години тој говореше: „Тешко е тоа да се објасни. Моите почетоци во поезијата беа такви што јас објавував со различни растојанија. Меѓу мојата прва книга „Дождови“, и втората „Рамноденица“ поминаа нецели седум години. Од втората до третата „Круг“ поминаа четири години. После зачестија, до 1990 година некаде на растојание од две до три години. Последниве години пишувањето стана почесто. Еве, седум години по ред секоја година објавувавм по една книга поезија. Тоа што во младоста го сметав за плус во обезбедување на растојание и на една дистанца, кога сметав дека не е добро често да се објавува, сега се случува обратно. Јас се обидам сега тоа да го објаснам. Од мојата прва книга во 1956 година поминаа повеќе од 50 години. Тоа се години на натамошно осозревање од една страна, и книжевно и животно созревање од друга. Тоа е процес на книжевно искуство и животно искушение, но се разбира и книжевно искушение. Сетоа тоа се акумулира и потоа бара да се искаже. Тоа што последниве па речиси 15 години позачестено пишувам и објавувам е резултат на сето она што се собрало како искуство и како сознание“.

Академик Матевски сметаше дека имаме многу талентирани нови поети, доаѓа многу таленнтирана генерација и во поезијата и во прозата.

„И тоа многу ме радува. Ги следам, ги читам нивните книги одвреме-навреме посебно во антологиските избори во кои се застапени“.

Матеја Матевски беше роден 13 март 1929 во Истанбул, Турција, во печалбарско семејство. Детстовото го минал во Гостивар, гимназија учел во Тетово и Скопје. Тој е поет, литературен и театарски критичар, есеист, преведувач. Завршил Филолошки факултет во Скопје. Универзитетски професор. Матевски е член на МАНУ од 1979 година, а беше и нејзинн претседател во периодот од 2001-2004 година. Тој е дописен член на Северноамериканската академија на шпанскиот јазик во Њујорк, на Европската академија за наука и уметност во Салцбург, на Норвешката академија за литература и слобода на говорот, почесен член на Словенечката академија на науките и уметностите. Избран е за почесен член на научниот институт Сесар Ваљехо во Трухиљо, Перу.
Подготвил, препеал и објавил над педесет одделни книги и антологии поезија од шпански, француски, италијански, словенечки, албански, српски и руски јазик. Носител е на највиссоки француски одликувања Легија на честа и Уметноста и литературата. Поезијата му е објавувана во поголем број списанија, зборници и антологии, европски и светски на сите континенти, а над 40 одделни книги му се објавени на над дваесетина јазици.
Книги поезија: „Дождови“ (1956) , „Рамноденица“ (1963), „Круг“ (1967), „Перуника“ (1976), „Липа“ (1980), „Раѓање на трагедијата“ (1985), „Оддалечување“ (1990), „Црна кула“ (1992), „Завевање“ (1995), „Мртвица“ (1999), „Внатрешен предел“ (2000), „Отаде заборавот“ (2003), „Копнеж по целина“ (2005), „Предели покриени со вода“ (2006), „Ветерот и градот“ (2007), „Потекла“ (2008), „Елегии по тебе“ (2009), „Нирвана“ (2010), „Згура – Одеа по водата – Саќе“ (2011).
Носител е на „Златен венец“ на Струшките вечери на поезијата во 2011 година. Добитник е на сите национални награди и на шеснаесет меѓународни награди и признанија во Италија, Шпанија, Швајцарија, Романија, Турција, Индија, Словенија, Хрватска, Србија и Словачка.

Кога одевме во Стамбол
(Матеја Матевски, 1929)

Кога одевме во Стамбол
а Река остануваше
Беличани Рибничани Нистровци
а Река остануваше
кога одевме во Стамбол
дрвари овчари орачи
ох кога одевме во Стамбол
во Одеса и Влашко
а Река остануваше

Кога одевме во Стамбол
а Река останувше
Мавровци Волковчани Нистровци
а Река остануваше
кога одевме во Стамбол
косачи војници ѓаци
ох кога одевме во Стамбол
и дална Бесарабија
а Река остануваше

Кога одевме во Стамбол
а Река остануваше
ергени младоженци вдовици
а Река остануваше
со плачои со бигори со клетви
а Река остануваше
ох кога одевме во Стамбол
и дална Александрија
а Река остануваше

Кога одевме во Стамбол
а Река остануваше
по Вардара по Дунава по ветерот
а Река остануваше
кога одевме во Стамбол
по полето по морето по чемерот
а Река остануваше
ох кога одевме во Стамбол
и далечна Америка
Река се преселуваше со нас

Ох кога одевме во Стамбол
А таму останувавме

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top