| четврток, 6 декември 2018 |

Вечерва почнува летното издание на „Скопје синема сити“

Од 6 – 10 јуни во Кинотека на Македонија ќе се одржи летното издание на филмскиот фестивал за музички документарни филмови Скопје Синема Сити. За време на петте фестивалски денови ќе бидат прикажани 15 филмови од најразлични продукции и кои во себе ќе обединуваат повеќе под-теми иако музиката го зазема централното место.
Во изминатите години Фестивалот им оддаде почит на Дејвид Боуви, на Леонард Коен и на Крафтверк, а оваа година Скопје Синема Сити ќе му оддаде почит на големиот јапонски филмски композитор Руичи Сакамото, преку прикажување на филмот „Coda“ во режија на Стивен Номура Шибле. Филмот се прикажа премиерно на филмскиот фестивал во Венеција во 2017, а се прикажа и на Берлинале во февруари оваа година.

Фестивалот ќе биде отворен со  „Кода“ во режија на Стивен Номура Шибле. Има и претфестивалска програма, односно ќе се отвори изложба на џез фотографии на реномираната џез фотографка Татјана Ранташа со фотографии на истакнати македонски џез уметници од различни генерации насловена како„Македонска џезтетика – Ранташа Татјана, фотографии“. Паралелно со нејзината изложба свој настап ќе има и Гоце Стевковски Квинтет. Бидејќи централно место има музиката оваа изложба кореспондира со селекцијата на џез филмови и од домашна и од странска продукција кои се на програмата. На програмата се застапени филмови за познатата музичка куќа „Blue Note Records: Приказна за современиот џез“, „Сан Ра: Братот од другата планета“, „Бил Еванс: Сеќавање на едно време“ заедно со кратки филмови од продукцијата Види Вака за Зоран Маџиров  и Драган Ѓаконовски Шпато.

Покрај посветата на Сакамото, вториот ден фестивалот ќе му оддаде почит и на најпознатиот композитор на денешницата, Филип Глас со прикажување на филмовите „Филип Глас: Гледајќи го Глас“ и култниот уметнички филм „Којанискатси“.

На 08.06 ќе бидат прикажани посебен осврт на артисти кои го носат белегот на необични, авангардни и шарени. Покрај веќе спомнатиот Сан Ра, ќе се прикаже филмот „Лунарна Орбита“ за познатиот електронски состав The Orb, за да после нив следи Визијата за рајот на Ли Скреч Пери.

На 09.06. Ќе бидат прикажани филмовите за Бил Еванс, кој е еден од најпознатите џез пијанисти на сите времиња и „Буена Виста Соушал Клаб, Адиос“, за кубанскиот феномен.Покрај овие филмови ќе се прикажат и два филма на македонскиот режисер Јoрдан Дуков за македонските состави „Љубојна“ и „Conquering Lion“ инаку дел од Телма докубенд серијалот.За завршниот ден ќе бидат прикажани филмовите „Студиото Ханса крај ѕидот 1976-90“ и „Кобејн: Монтажа на еден пекол“.

Билети може да се купат на билетарницата на Кинотека на Македонија и онлајн на МКтикетс.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top