Судот во Загреб пресуди дека осум комерцијални банки на кои граѓаните им отплаќаа кредити во швајцарски франци го прекршиле законот за потрошувачи и законот за облигациони односи. Некои од банките најавуваат жалби и порачуваат дека ќе докажат оти работеле законски. Ако пресудата стане правосилна граѓаните ќе можат да ги тужат банките и да си ги вратат парите кои ги претплатиле, пренесува Канал5.
Во образложението на провостепената пресуда пишува дека банките ги повредиле правата и интересите на граѓаните така што нетранспарентно ги менувале каматните стапки. Судот утврдил дека банките знаеле оти ќе дојде до промена на курсот на франкот, но за тоа не ги известиле своите клиенти. Пишува и дека банкарите работеле по упатства од своите централи.
Според пресудата банките ќе мора да прекинат со вакво работење и во следните 60 дена на клиентите да им понудат главница во хрватски куни од денот на заклучување на кредитот со фиксна каматна стапка.
Како што јавуваат тамошните медиуми, за јавноста одлуката на судот во Загреб против осумте деловни банки е историски ден за хрватското правосудство, бидејќи граѓаните буквално осиромашиле отплаќајки ги кредитите во швајцарски франци. Во Хрватска повеќе од 100 илјади граѓани отплаќаат кредит во франци. Меѓу нив 75 000 се станбени кредити чии рати за кредит во последните неколку години се зголемиле од 35% па дури до 100%. Пресудата се однесува и за корисниците на кредити во други валути.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.